Минатата година македонските граѓани оставиле над 209 милиони евра (12,86 милијарди денари) во спортските обложувачници, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи, објавени од „Блумберг Адрија“. Просечната уплата по тикет лани достигнала 269 денари.
Обложувачниците за возврат исплатиле добивки во вредност од 169 милиони евра (10,39 милијарди денари), што е за 40 милиони евра помалку од вкупно вложената сума. Најголемата добивка исплатена на еден тикет изнесувала речиси 68 илјади евра (4,18 милиони денари).
Само по основ на данок на личен доход, државата наплатила над 20 милиони евра (1,25 милијарди денари) од исплата на добивки од спортските обложувачници.
Според анализите, износот на вложени средства во спортските обложувачници е во пораст последните неколку години. Во 2022 година, граѓаните вложиле околу 193 милиони евра, додека во 2021 година оваа бројка била нешто над 185 милиони евра. Тоа укажува на тренд на раст на популарноста на спортското обложување во земјава, како и на зголемениот профит за обложувачниците и државата преку даноците.
Во моментов во Македонија работат околу 800 лиценцирани обложувачници и приредувачи на игри на среќа.