ПОГРЕШНА ИНВЕСТИЦИСКА ОДЛУКА – ПРОКОЦКАНИ ПАРИ

Според договорот за долгорочна резервација на капацитет во гасниот терминал во Александруполи, кој е со важност од 15 години, Македонија ќе треба да ѝ плати на Грција 54 милиони евра, односно државната компанија АД ЕСМ е обврзана да ѝ исплаќа по 300.000 евра секој месец.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, вели дека Македонија се обврзала да плаќа резервација на капацитет за гас што нема да го користи, со што се прокоцкани пари со кои сме можеле да изградиме една гасна централа.

– Всушност, првичната замисла не била толку лоша, бидејќи гасот би им бил потребен за гасната централа во Александруполи, каде што ЕСМ требало да биде коинвеститор и косопственик. Но, работите тргнале наопаку откако во ЕСМ започнале аферите „Адитиви“, „Грчки јаглен“ и други, па стотината милиони евра наменети за инвестицијата во гасната централа исчезнале, односно биле непродуктивно потрошени, а ЕСМ стигнало до акумулирана загуба од 120 милиони евра. Само од јули минатата година, ЕСМ се задолжило за 137 милиони евра, што значи дека не може да функционира без 10-15 милиони евра ново задолжување месечно, што неминовно го води во стечај и ликвидација. Напуштени од државата, задолжени и препуштени на милоста на комерцијалните банки, илузорно е да размислуваат за нови инвестиции – потенцира Трајковски.

АД ЕСМ се обврзало да стекне 25 % од сопственичкиот капитал во компанијата „Алексантопулис електрицитис подукшн“, специјално формирана за финансирање, изградба и управување со термоцентралата.

– Капацитетот на централата првично бил определен на 662 мегавати, но бил зголемен на 840 во јуни 2021 година. Централата ќе биде со комбиниран циклус, со користење најсовремена технологија за висока ефикасност од дури 63 %. АД ЕСМ требало да склучи долгорочен договор за откуп на електрична енергија, пропорционален на неговиот удел во проектот. Било замислено АД ЕСМ да има можност да набавува природен гас директно од ЛНГ-терминалот Александруполи за производството на неговиот дел од електричната енергија. За таа цел, потпишале договор за долгорочна резервација на капацитет, за што ѝ ги плаќаат тие 300.000 евра месечно во наредните 15 години, односно вкупно 54 милиони евра – објаснува Трајковски.

Според еден извештај од април 2023 година, изгледа дека Владата на Македонија се повлекла од тој договор, бидејќи бил продаден уделот на друг инвеститор. Но, договорот за резервација на капацитет останал на сила, поради што АД ЕСМ ќе претрпи загуба од 54 милиони евра во наредните 15 години доколку не го преземе гасот или не го реиздаде капацитетот.

– Откажувањето од инвестирањето, секако, претставува штета, бидејќи Грците успеале да постигнат неверојатно ниска цена за една таква висококвалитетна централа. Нормално, нова гасна термоцентрала од 840 мегавати (особено во комбиниран циклус со парна турбина) чини околу една милијарда евра, но е постигната цена од само 400 милиони евра. Тоа е само 0,48 милиони евра/мегавати, што е поевтино дури и од фотонапонска централа (иако гасната централа троши гориво). Централата ќе се гради 32 месеци и треба да биде завршена и пуштена во работа до крајот на 2025 година. Македонскиот дел од инвестицијата, не сметајќи ги каматите, би изнесувал само 100 милиони евра, што е многу поволно за нова, високоефикасна гасна централа и удел во инсталираниот капацитет од 210 мегавати – додава Трајковски.

Од претходната Влада, која го потпиша договорот, објаснуваат дека во иднина ќе овозможи снабдување со гас од повеќе извори, но од сегашната власт договорот е оценет како штетен, поради што, како што велат од АД ЕСМ, се поднесени кривични пријави до Финансиската полиција, против лицата што биле дел од претходните два управни и надзорни одбора на компанијата, како и против високи функционери во поранешната Влада, вклучително и претседавачот на Комисијата за економски систем за серија одлуки поврзани со закупувањето на капацитетите во гасниот терминал Александруполи.

Што може, односно што треба да направи Македонија сега за да ја ограничи штетата? Досега, Македонија уплатила околу пет милиони евра за резервација на капацитет што нема да го користи.

– Би била непростлива грешка ако плати уште 49 милиони евра, а не извлече никаква корист од гасниот терминал во Александруполи. Иако природниот гас добиен со регасификација на втечнет природен гас е најмалку за 30 % поскап од компримираниот природен гас добиен преку цевковод од Русија или од Азербејџан, неговото користење би претставувало начин за амортизирање на штетата – вели Трајковски.

Тој смета дека сè уште не е доцна Македонија да инвестира во релокација на една половна гасна централа и во нејзина интеграција со парниот циклус од ТЕЦ „Неготино“.

– Благодарение на користењето на парната секција од ТЕЦ „Неготино“, која моментално стои како бескорисен споменик, и на ниската цена на половната гасна централа (моментално се продаваат неколку во светот, со многу малку работни часови, по цена од 5 до 15 милиони евра), Македонија за само 12-18 месеци и само стотина милиони евра би се здобила со нов инсталиран капацитет од 540 мегавати (0,2 милиони евра/мегават). Како држава, веднаш би се исправиле на нозе и би се ослободиле од увозот на скап, неквалитетен грчки јаглен и од отворањето на рудникот во Живојно – нагласува Трајковски.

Професорот смета дека се носат толку многу погрешни инвестициски одлуки, но со гасната централа и со некои други брзоповратни инвестиции во енергетиката, пред сé, изградба на една реверзибилна хидроцентрала со природна акумулација ќе се направи вистинскиот потег.