Македонија и Молдавија, најверојатно, ќе бидат меѓу економиите што најсилно ќе бидат погодени од војната на Блискиот Исток. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги издвои овие две земји меѓу 40. во кои работи.

Причините за таа процена се содржани во регионалниот економски извештај на ЕБОР. Како што се наведува, Молдавија и Македонија ќе бидат погодени поради својата голема зависност од увозот на енергенси и ѓубрива, како и ограничениот фискален простор. Дополнително, се вели, Македонија ќе се соочи со последици и поради потребата од увоз на храна.

Конфликтот на Блискиот Исток влијае врз економиите во кои дејствува ЕБОР преку повисоки цени на енергенсите и ѓубривата, нарушени трговија и туризам, како и заострени услови за финансирање. До 20 март, цените на гасот во Европа повеќе од двојно се зголемиле поради прекинот на производството на течен природен гас во Катар, додека цената на нафтата на 9 март надминала 100 долари (86 евра) за барел, поради ризиците за глобалната понуда доколку Хормутскиот Проток остане затворен.

Постојаниот раст на цената на нафтата до 100 долари за барел може да го намали глобалниот економски раст за најмалку 0,4 процентни поени и да ја зголеми глобалната инфлација за повеќе од 1,5 процентни поени, оценува ЕБОР. Проекциите за раст за регионите во кои дејствува Банката би можеле да бидат намалени до 0,4 процентни поени кога, во јуни, ќе ги објави институцијата следните прогнози, доколку останат цените на енергенсите високи.

Економското влијание од војната ќе зависи од времетраењето на конфликтот и од степенот на оштетување на енергетската инфраструктура, при што последиците, најверојатно, ќе продолжат и по завршувањето на непријателството. Повисоките цени на енергенсите, ѓубривата и на храната, заедно со нарушувањето во синџирите на снабдување, туризмот и дознаките од земјите од Заливот, ќе вршат притисок врз економскиот раст, ќе ја поттикнуваат инфлацијата, ќе ги оптоваруваат јавните финансии и ќе ги заоструваат условите за финансирање.

Исто така, се нагласуваат и негативните ефекти што ќе произлезат од развиениот дел на Европа, особено од Германија, како клучен трговски партнер за многу економии во регионите на ЕБОР. Се очекува тоа дополнително да го забави растот. Сепак, се вели, колкаво ќе биде влијанието, ќе зависи од фискалните и надворешните резерви на секоја земја и од нејзината способност да ги апсорбира овие шокови.