Во земјите од поранешна Југославија, најниската минимална плата се исплатува во Македонија – 397 евра нето. Според пресметките на српска „Нова економија“, најниската плата во Македонија е речиси 600 евра пониска од таа во Словенија, која предничи меѓу земјите на просторите на поранешна СФРЈ.

Од октомври годинава, според последната одлука на Социјално-економскиот совет на Србија, минималната плата ќе изнесува 58.630 динари, односно приближно 500 евра. Планот е до 2028 таа да порасне до 650 евра. Но и тогаш ќе биде пониска од економски посилните екс-ЈУ држави, а Македонија веројатно и тогаш како и сега ќе биде на дното.

Словенија предничи на поранешниот простор на СФРЈ, со минимална бруто плата од 1.278 евра, која е на сила од од јануари годинава. Нето износот е меѓу 900 – 930 евра, пишува „Нова економија“

Просечната нето-плата во мај во Словенија била 1.592 евра, што е за 5,2 отсто покачување во однос на мај 2024 година.
Во Хрватска, исто така од почетокот на годинава, бруто-минималната плата е 970 евра, што е малку повеќе од 750 евра нето. Просечната нето плата, пак се движи помеѓу 1.390 и 1.450 евра.

Во Босна и Херцеговина, минималната плата изнесува 1.000 конвертибилни марки, односно 511 евра. Просечната него плата, пак, во април изнесувала 1.545 конвертибилни марки, што е отприлика 790 евра.

Црна Гора во моментов е на исто ниво со Србија, со минимална плата од 450 евра. Просечната нето плата, пак, изнесувале 1.062 евра, според Управата за статистика на Црна Гора.

Во Македонија, во моментов минималната бруто плата изнесува 584,5 евра, а нето-износот е 395 евра, со што стои на дното на списокот на земјите од поранешна СФРЈ.