На европскиот континет највисока Бруто минимална плата има во Луксембург, а најниска во Украина. Од Македонија само четири држави имаат пониска бруто минимална плата а тоа се Бугарија, Албанија, Молдавија и Украина.
Листата на држави кои ги објави Институтот за економски анализи и политики Finance Think покажуваат дека во Луксембург компаниите исплќаат највисок минималец. Не само за оваа држава, туку и за сите останати кои денеска ќе ги објавиме се во Бруто износ. Во Луксембург минималната бруто плата изнесува 3638 евра, веднаш зад ниов се компаниите од Ирска кои исплаќаат минимална плата во бруто износ од 2282 евра. Со 2193 евра се трети во Европа граѓаните на Холандија по однос на исплатена бруто минимална плата. Во Германија минималецот е за триесетина евра понизок од Холандија, Во Белгија пак законски ограничената најниска бруто плата изнесува 2070 евра.
Прва на листата под две илјади евра е Франција каде бруто минималецот изнесува 1802 евра, во Шпанија 1381, Словенија е погоре на оваа листа со податок дека нивните граѓани добиваат 1278 евра. Во Полска минималецот во бруто износ изнесува 1091 евро, во Литванија 1038 евра. Во Португалија пак сумата изнесува 1015 а во Кипар рамно 1000 евра.
Следуваат државите каде минималната бруто плата е со три цифри. Највисока во овој домен е во Хрватска каде таа изнесува 970 евра, во Грција две евра помалку, а во Малта пак 10 евра помалку од Хрватска. Во Естонија, Чешка, Словачка и Романија бруто минималната плата изнесува од 886 па до 814 евра. Со 740 евра се граѓаните во Латвија, 708 во Турција а 707 во Унгарија. Нешто подобри од нас се граѓаните од Црна Гора и Србија каде минималната бруто плата изнесува 670 односно 619 евра.
Според официјалните податоци бруто минималната плата во Македонија изнесува 586 евра, а тоа е повеќе од сумата во Бугарија која изнесува 551 евро, Во Албанија таа сума изнесува 408 евра, во Молдавија 285 евра и во Украина 182 евра.