УКРАИНА И МОЛДАВИЈА СЕ ПРИКЛУЧИЈА КОН ЗОНАТА ОД ОВАА ГОДИНА
Македонија ќе биде првата земја во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Toj уверува дека Македонија е подготвена да ја финализира законската регулатива за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во земјите на Европската Унија. Украина и Молдавија веќе се приклучија кон зоната на 1 јануари, 2026 година
Македонија ќе биде првата земја во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Европската комисија на 26 март, 2026 година, предложи преговори со шест земји од Западен Балкан за укинување на таксите за роаминг.
Андоновски посочува дека пред две недели, до Министерството се пристигнати нови прашања од ЕУ, но дека планот останува непроменет и уверува дека Македонија е подготвена да ја финализира законската регулатива за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во земјите на Европската Унија.
– Со укинувањето на роамингот со ЕУ, нашите граѓани нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет додека патуваат во земјите од Европската Унија. Сакаме балканскиот модел на роаминг да го пресликаме и за во ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието – изјави Андоновски.
Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, вели дека откако ќе се склучат договорите со секој од партнерите и целосно ќе се усогласат со правилата за роаминг на ЕУ, луѓето што патуваат помеѓу ЕУ и Западен Балкан ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг.
Освен со Македонија, ЕУ треба да преговара за билатерални договори и со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија. Роамингот во рамките на Европската Унија беше официјално укинат на 15 јуни 2017 година, и оттогаш, корисниците плаќаат за повици, СМС-пораки и мобилни податоци по исти цени како во нивната матична земја додека патуваат во рамките на ЕУ.
Украина и Молдавија веќе се приклучија кон зоната на 1 јануари 2026 година.
Земјите од Западен Балкан потпишаа меѓусебна спогодба според која, од 1 јули 2021 година, корисниците на мобилни услуги можат да користат роаминг под посебни повластени услови. Оваа роаминг услуга важи за повици, СМС-пораки и интернет, само кога корисникот/претплатникот на мобилните оператори во земјава престојува во некоја од државите од Западен Балкан. Доколку, пак, корисникот/претплатникот се наоѓа во Македонија и прави повик или праќа СМС-порака кон број од земјите од Западен Балкан, за нив важат цените за меѓународни повици/СМС. Со оваа регулатива, мобилниот интернет, СМС-пораките и разговорите остварени кон земјите од Западен Балкан, додека корисниците се во роаминг во тие земји, се тарифираат како дома.
При престој во други балкански земји кои не се дел од регулативата за Западен Балкан, важат редовните роаминг цени на мобилните оператори. Сепак, за пониски трошоци и за подобро корисничко искуство при користење на интернет, корисниците/претплатниците може да активираат дополнителни роаминг интернет пакети од мобилните оператори.