Земјоделците велат дека генерално немаат проблем со откупот на млеко, но не негираат дека увозното млеко им ја урива цената

Македонскиот пазар е преплавен со евтино увозно млеко. Ако до пред две недели најевтиното млеко можеше да се најде за 60 денари за литар и тоа ако е на акција, сега литар млеко може да се купи и за 45 денари. На дел од нив на пакувањето може да се прочита земја на производител, но на поголем дел стои само ознаката дека е со потекло од ЕУ. За оваа цена има млеко со 3,2 проценти масленост, но има и со помала масленост, но и витаминизирано за два денари повеќе.
Домашните производители велат дека оваа цена за нив нема економска оправданост и претпоставуваат дека државата извозник дава извозни субвенции на нејзините фирми со цел да се продаде вишокот на млеко што го има Европската Унија. За една година вредноста на увезеното млеко и млечни производи надминала 100 милиони евра, што е историски максимум. Овој податок јасно укажува дека домашниот пазар сè повеќе се потпира на странско снабдување.

Домашното производство во опаѓање

Паралелно со растот на увозот, домашното производство бележи континуиран пад. Намалувањето на бројот на добиток, растечките трошоци за храна и енергија, како и недостигот од работна сила, го прават сточарството сè помалку атрактивно. Земјоделците велат дека откупната цена е многу ниска, но засега немаат проблем со откупот на произведеното млеко.

– Млекото го откупуваат по цена од 20 до 30 денари за литар, во зависност од квалитетот, но и условите што се договорени. Ова ниво е значително под цената по која млекото се продава во маркетите, но уште поважно, често е недоволно да ги покрие реалните производствени трошоци. Дополнителен проблем е што цените не се стабилни и имаат тенденција на намалување, особено во услови на засилен увоз – велат сточарите.

Во последните години, производството на кравјо млеко значително се намалува, што дополнително ја зголемува зависноста од увоз. Малите и средни фарми, кои традиционално го носат секторот, се најпогодени и често се принудени да го намалат или целосно да го затворат производството.

-Производството на млеко во Република Македонија се карактеризира со голем број мали фарми – традиционални фармери (75 отсто од вкупниот број) кои имаат нископродуктивни 1-3 крави со ниско годишно производство на млеко од 2-3 илјади литри по крава. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави (околу 3 отсто од вкупниот број) со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри по крава. Само 1 отсто од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми (репродуктивни центри) – покажуваат податоците на Стопанската комора на Македонија.

Како евтиниот увоз ја нарушува рамнотежата?

Млекото што се увезува по цена од околу 45 денари за литар создава сериозен притисок врз целиот синџир. Млекарниците имаат избор да купуваат поевтино од странство, трговците преферираат пониска набавна цена, а потрошувачите се насочуваат кон поевтините производи.

Но, најголемиот товар паѓа врз домашните фармери, кои не можат да конкурираат со индустриски произведено млеко од ЕУ, каде што субвенциите и економијата на обем значително ги намалуваат трошоците.
Македонија веќе подолг период е зависна од увоз на млеко и млечни производи. Најголем дел од количините доаѓаат од земји со развиена млечна индустрија и високи субвенции како Словенија, Германија, Хрватска, Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Дополнително, преку европските пазари и трговските договори, на македонскиот пазар влегуваат и производи од останатите членки на ЕУ каде што постои хроничен вишок на млеко. Токму тие вишоци често се пласираат на помали пазари како македонскиот, по значително пониски цени. Анализите покажуваат дека вредноста на увезеното млеко и млечни производи веќе надминува 100 милиони евра годишно. Со други зборови, значителен дел од млекото што го консумираат граѓаните не потекнува од домашните фарми, туку од индустриски системи во странство со далеку пониски производствени трошоци по единица.

Сегашната состојба не е изолиран случај. Европскиот млечен сектор веќе подолго време се соочува со вишоци, кои се резултат на висока продуктивност и силни аграрни политики. Овие вишоци често завршуваат на помалите пазари, каде што имаат дестабилизирачки ефект.
За Македонија, тоа значи дека ценовните движења не зависат само од домашните услови, туку и од глобалните трендови.
Експертите предупредуваат дека без стратешки мерки, домашното производство може дополнително да се намали. Евтиното увезено млеко носи краткорочна корист за потрошувачите, но долгорочно отвора сериозни ризици за домашната економија.