Повеќе автомобили, но постари. Тоа е сликата на македонските патишта во последната деценија. Иако бројот на регистрирани возила е речиси двојно зголемен, просечната старост на автомобилите расте и денес изнесува речиси 20 години.

Во последните десет години, над 80 проценти од увезените автомобили биле половни. Годинава, на еден нов автомобил доаѓаат дури три и пол употребувани. Само за 11 месеци се увезени над 41 илјада половни и околу 12 илјади нови патнички автомобили.

Истовремено, вкупниот број на регистрирани возила е зголемен од околу 350 илјади во 2012 година, на речиси 700 илјади во 2024.

Но, наместо подмладување, флотата старее – просечната старост пораснала од 15,7 на 19,4 години. Речиси 88 проценти од автомобилите на патиштата се постари од 10 години, а само 1,8 проценти се не постари од две години.

Континуираниот увоз на половни возила значи дека и покрај зголемениот број автомобили, возниот парк не се подмладува, туку напротив – старее, што има директно влијание врз безбедноста и загадувањето, коментираат експерти по сообраќај кои ги консултираше ТВ24.

Секое трето возило во земјава е регистрирано во Скопје. Во главниот град се концентрирани над 33 проценти од патничките и дури 38 проценти од товарните возила, што дополнително го зголем\ува сообраќајниот и еколошкиот притисок.

Дизелот останува доминантен. Речиси две третини од патничките автомобили се дизелаши, додека бензинците постепено го губат уделот. Електричните и хибридните возила сè уште се мал сегмент, но бележат најбрз раст.

Лани бројот на електрични возила пораснал за 169 проценти, а на хибридните за речиси 300 отсто. Сепак, во апсолутни бројки, тие сè уште се занемарлив дел од вкупниот возен парк, во кој доминираат возила произведени пред 2010 година, под Еуро 5 еколошкиот стандард. Експертите тврдат дека поддршката за понови и поеколошки возила е неопходна, но без системски мерки, старите автомобили ќе продолжат да доминираат на македонските патишта.

Повеќе автомобили, поголем сообраќаен метеж и повисоко загадување, а решението, велат анализите, не е само во бројките, туку во квалитетот на возилата што секојдневно ги возиме.