На превозниците што вршат превоз на стоки и на патници во ЕУ, а се од земјите надвор од ЕУ, во кои спаѓа и нашата, сè повеќе им се наметнуваат обврски и давачки од Унијата , им создаваат трошоци и им го оптоваруваат работењето. Сè повеќе домашни превозници заминуваат да работат за странски компании, а, исто така, има и намалување на бројот на професионални возачи во земјава. Биљана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата „Макамтранс“, вели дека македонските превозници ќе се соочат и со други обврски и давачки во наредниот период
Во последните неколку години, Европска Унија, соочена со негативните ефекти од отворениот транспортен пазар на територијата на 27 држави, сè почесто воведува мерки за следење и контролирање на превозниците со цел да спречи злоупотреба во однос на сигурното доставување на стоката до корисникот на превозот, а со тоа да се осигури и плаќање на финансиските давачки што се предвидуваат за увоз или за извоз на стоката, но и наплата на ДДВ за стоката што се движи на територијата на членките на Унијата.
Последната активност што се предвидува и ќе започне со примена од први септември, според Програмата на ЕУ за сигурност и безбедност пред пристигнување, е дека сите економски оператори мора да достават детални сигурносни и безбедносни информации за стоките што ги превезуваат, и тоа во системот за контрола на увозот 2 (ICS2), во форма на целосна влезна збирна декларација (ЕNS).
Биљана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата „Макамтранс“, вели дека македонските превозници ќе се соочат и со други обврски и давачки во наредниот период.
– Од први јануари 2026 година започнува програмата на ЕКМТ-комитетот за електронско водење патни дневници за извршениот превоз со користење на ЕКМТ-дозволи (мултинационални транспортни дозволи за превоз). Исто така, се предвидува во 2027 година да се воведе и електронски ЦМР, кој е основен документ за превозниците што вршат превоз на стока. Претходно, беа воведени и обврски за пријава на возачите што ќе вршат превоз на стока од или за Германија, потоа беше воведена и обврската за Франција. Полска воведе обврска за пријава на возачите, но и пријава на превозот на стоки, кои се следат со ГПР-систем за да не се дозволи каква било промена во маршрутата на движење на возилата. Романија ја одложи пријавата на возачите и на превозот поради надградба на системот со најава дека оваа електронска обврска ќе почне да се применува од 2026 година. Со сите обврски што ги спроведува и воведува ЕУ, електронски евиденции за потребата на царинскиот систем или системот на Управата за јавни приходи, превозниците имаат сè поголеми обврски и ризици да плаќаат нереални казни, кои не секогаш се нивна вина, туку тоа може да е аномалија на дигиталниот систем или грешни податоци што се добиени од корисниците на превозот – вели Муратовска за весникот ВЕЧЕР.
Муратовска нагласува дека како и вo земјите во ЕУ така и во Македонија има недостиг на професионални возачи. Според најновите податоци, само во Европа недостигаат повеќе од 500.000 возачи, а доколку не се преземат мерки, овој број може да порасне и над 60 % до 2028 година. Според неа, ова е процес што трае од 2015 година, поради одењето во пензија на голем број возачи, што придонесе за кумулативно движење на возачите од посиромашните и понеразвиените држави во поразвиените држави.
– Тие водеа соодветна политика за привлекување возачи од цела Европа, а особено од балканските држави, во кои спаѓа и нашата држава. Затоа, сега кај нас недостига дури третина од потребниот број возачи, со оглед на капацитетот на возниот парк што го имаме. Имаме нефункционални возила што и кога стојат, им создаваат трошоци на превозниците и им го оптоваруваат работењето – вели Муратовска.
Според неа, најчесто има одлив на возачи на средна возраст, но загрижува тоа што сè повеќе млади возачи ја напуштаат државата и одат најчесто во земји како Словенија, Чешка, Германија, каде што нема бариери за нормално вршење на превозот на стока и патници.
– Нашата држава има територијални ограничувања за пристап на транспортниот пазар на Европа, а особено на териториите на држави членки на ЕУ, со воспоставениот режим на меѓународни транспортни дозволи, кои се ограничени по број. Исто така, имаме бариери со голем број граници на Балканот и за влез во ЕУ, што доведува до подолго задржување на одреден простор и до намалена функционалност при вршењето на превозот. Како дополнителна нестандардна мерка за задржување на возилата, особено државите членки на ЕУ често спроведуваат контроли на возилата по патиштата и изрекуваат голем број прекршоци, кои во одредени случаи не се ни направени. Најново во последниве шест месеци е строгата контрола за престој на возачите во Шенген просторот. Професионалните возачи вршат дејност и не престојуваат во ниту една држава од Шенген зоната подолго од два до три дена, но, сепак, строгите правила на бирократијата на ЕУ сметаат дека треба да се изедначат тие со туристите или со друг вид посетители и им се смета престој од 90 дена во 180 дена, собирајќи ден по ден – нагласува Муратовска.
Токму проверката на денови за престој во Шенген зоната на возачите ќе биде најголемиот проблем со кој се соочуваат и допрва ќе се соочуваат превозниците.
– Електронски систем за броење на деновите за престој во Шенген земјите (90/180) и од втората половина на 2026 година, одново ќе се вратиме на некој вид систем на визи, со обврска за ЕТИАС (патна потврда – авторизација што ќе се вади и ќе важи три години, 20 евра). За превозниците. ова ќе биде дополнителен финансиски товар кога знаеме каков проблем имаат со професионалните возачи, кои заминуваат во странство откога ќе се здобијат со одредено професионално искуство во домашните превозни друштва – заклучува Муратовска.