Во Македонија што поскоро треба да се изградат нови државни капацитети за базно производство на електрична енергија, како хидроелектрани и гасни когенеративни централи, смета редовниот професор на Машинскиот факултет во Скопје, Ристо Цицонков. Тој вели дека постојат потенцијали за нови мали хидроцентрали и предлага да се преслика искуството од Норвешка, Австрија или од Швајцарија, како и да се донесат соодветни строги прописи за изградба и мониторинг на работата на малите хидроцентрали.
Невладини организации и активисти за животна средина силно се противат за мали хидроцентрали, оценувајќи дека тие ја деградираат животната средина. Последен е случајот со реката Дошница, каде што, по нејзиниот тек низ планината Кожуф, се планирани мали хидроелектрани, поради што 72 дена протестираа граѓани и екоактивисти, блокирајќи го патот за да нема пристап на механизацијата. Со својата упорност, тие извојуваа победа, бидејќи деновиве фирмата што требаше да ги гради хидроелектраните на Дошница ја повлече целата механизација
– Македонија е зависна од струјата што ја произведува РЕК„Битола“, но комбинатот е пред скоро затворање поради староста на опремата и исцрпените резерви на јаглен. Поради тоа, потребно е што поскоро да се изградат нови државни капацитети за базно производство на електрична енергија, како хидроелектрани и гасни когенеративни централи – смета редовниот професор на Машинскиот факултет во Скопје, Ристо Цицонков.
Пред неколку години беа изградени извесен број мали хидроелектрани од кои државата ја купува произведената електрична енергија по бенефицирана цена. Хидроенергијата припаѓа во обновливите извори, а малите хидроцентрали, исто така, даваат базна електрична енергија. Цицонков смета дека постојат потенцијали за нови мали хидроцентрали наспроти силната реакција на невладини организации и НА активисти за животна средина, кои се противат, оценувајќи дека тие ја деградираат животната средина.
Последен е случајот со реката Дошница, каде што, по нејзиниот тек низ планината Кожуф, се планирани мали хидроелектрани, поради што 72 дена протестираа граѓани и екоактивисти, блокирајќи го патот за да нема пристап на механизацијата. Со својата упорност, тие извојуваа победа, бидејќи деновиве фирмата што требаше да ги гради хидроелектраните на Дошница ја повлече целата механизација.
Тие најавуваат и почнување правна битка, а крајна цел им е укинување на концесијата. Најавија и протести во Скопје, пред Министерството за животна средина и просторно планирање, доколку, по изборите, продолжат какви било активности за изградба на мали хидроелектрани.
– Еколошките организации се категорично против изградба на мали хидроцентрали, особено не во заштитените природни зони. Можеби, имаат оправдани аргументи за тоа. Ако има деградација на животната средина и ако нема мониторинг од надлежните органи, тогаш тие се во право. Јас немам увид во изградбата и работата на веќе изградените хидроцентрали, но можно е тврдењето на граѓаните и на екологистите да е точно, знаејќи ги состојбите во нашето политичко, економско и општествено опкружување. Доволно е некој бизнисмен да биде близок до некој политичар или владејачка партија и да добие дозвола за градба на ваков објект без да бидат исполнети сите потребни услови, особено оние од еколошки карактер – потенцира професорот Цицонков.
Државата – соинвеститор во малите хидроцентрали
Тој посочува дека во Европа има над 20 илјади мали хидроцентрали, од кои над 20 проценти се изградени во заштитени природни зони. Во Австрија има 4.000, во Швајцарија 1.400, но мали хидроцентрали има и во Германија, Франција, Шпанија и во други земји.
– Иако Норвешка има дури 1.450 мали хидроцентрали, ќе продолжи да гради нови за да ја одржи енергетската независност на државата поради зголемената потрошувачка на електрична енергија предизвикана од порастот на бројот на топлински пумпи за загревање на домовите и на јавните објекти, полнењето на големиот број електрични возила, планирањето на потребите за вештачка интелигенција, односно за центрите за податоци и друго. Овие трендови ги има речиси во сите земји во светот, но во Норвешка се поизразени. На пример, бројот на нови купени возила во 2024 година таму бил 89 %, а во 2025 се очекува да биде речиси 100 %. Еколошките организации реагирале негативно на одлуката, но Парламентот не ја повлекол – вели Цицонков.
Норвешка спроведува зелена енергетска транзиција и истовремено обезбедува сигурно снабдување со електрична енергија.
– Норвешка е земја со најстроги еколошки критериуми, така што изградбата на мали хидроцентрали во заштитените подрачја се уредува со внимателно осмислен закон, кој треба да обезбеди заштита на животната средина и на биодиверзитетот во и околу реката. Секој проект мора да мине двојна јавна расправа, студија за влијанијата врз животната средина и автоматски мониторинг на биолошкиот минимум – нагласува Цицонков.
Со оглед на фактот што хидроелектраните користат обновлив извор на енергија и што ѝ е неопходна базна електрична енергија на Македонија, тој предлага да се преслика искуството од Норвешка, Австрија или од Швајцарија и да се донесат соодветни строги прописи за изградба и мониторинг на работата на малите хидроцентрали.
– Дозволите за изградба на овие хидроцентрали се одобруваат само ако проектите задоволуваат добро осмислени закони и прописи, а подоцна, при нивната работа, се врши постојана контрола (мониторинг) дали се заштитуваат животната средина и животот во реките. Има разни сензори, на пример за протокот на вода во коритото да не падне под биолошкиот минимум. Ако падне нивото на реката под минимумот, турбините престануваат со работа. Досегашните позитивни показатели од работата на малите хидроцентрали се причина за тоа што Европската Унија има позитивен став кон изградбата на овој тип хидроцентрали – истакнува Цицонков.
За да ја заштити цената на произведената струја од хидроелектраните, Цицонков нагласува инвеститор да биде државата Република Македонија, со најмалку 51% сопственост.
– Во случај на приватен инвеститор, тој ќе ја продава произведената електрична енергија на отворен пазар, по највисока можна цена, а државата повторно ќе остане без базна електрична енергија. И ќе продолжи и понатаму да дава многу милиони евра за увоз на струја – заклучува Цицонков.
Увозот на струја да се покрие со домашно производство од обновливи извори
Според извештајот за работа на РКЕ за 2024 година, во земjава лани, во електропреносниот и во електродистрибутивниот систем влегле вкупно 9.089 GWh количини електрична енергија. Вкупното домашно производство изнесува 6.129 GWh и е за 424 GWh помало споредено со производството во 2023 година, односно е за 6,47 % помало во споредба со 2023 година. Намалувањето на производството на електрична енергија во 2024 година се должи на намаленото производство на термоелектроцентралите, неработењето на ТЕЦ „Неготино“, како и на намаленото производство на хидроелектричните централи, иако се бележи зголемено производство на електрична енергија од електроцентралите што користат обновливи извори на енергија, особено од фотонапонските централи.
Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со вклучување и на големите хидроелектрични централи, во 2024 година изнесувало 2.516 GWh и било зголемено за 16 % во однос на 2023 година, односно зголемувањето било за 343 GWh. Нето-потрошувачката на електрична енергија, односно потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи во 2024 година изнесувала 5.897 GWh и била за 116 GWh поголема споредено со 2023 година, односно зголемувањето изнесувало 2,01%.
Според процена изработена од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), технички изводливиот потенцијал на малите хидроелектрани опфаќа 200 локации со вкупна инсталирана моќност од 230 MW, годишно производство од околу 990 GWh и потребна инвестиција од приближно 460 милиони евра. Во електромрежата работат 92 мали хидроелектрани, кои во јуни годинава произведоа 13. 530 MWh, што е 43 % од струјата на сите 178 повластени производители.