Во првите девет месеци од 2025 година, извозот на стоки од Македонија изнесувал 368,3 милијарди денари, што е раст од 2,09% во споредба со лани, додека увозот достигнал 523,2 милијарди денари, со зголемување од 3,59%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

И покрај скромниот раст на извозот, трговскиот дефицит се продлабочува, што укажува дека домашната економија и натаму е силно зависна од увозот. Најмногу се извезуваат катализатори и делови за автомобилската индустрија, а се увезуваат нафтени деривати, платиноиди и возила.

Главен трговски партнер останува Германија, иако размената со неа бележи пад од 4,9%, а извозот кон германскиот пазар е намален за 5,7%. Земјите од ЕУ учествуваат со скоро 60% од вкупната трговија – јасен показател дека македонската економија и натаму е цврсто врзана за европските пазари.