Машинскиот факултет – Скопје доби на трајно користење индустриска опрема од компанијата ЛТХ Леарница Охрид, наменета за Лабораторијата за производни технологии и процеси. Донираната опрема е во вредност од над 70 илјади евра, а целта е да ја унапреди практичната настава на студентите од овој факултет на УКИМ.

На настан по повод донацијата на опремата се заблагодарија деканот Златко Петрески, министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, кои ја поздравија иницијативата и очекуваат таа да поттикне за донации во образованието и други компании во државава.

Деканот на Машинскиот факултет Петрески изјави дека се работи за сериозна соработка со компанијата и подобрување на врските со индустријата и смета дека ќе се зголеми квалитетот на образованието на студентите на нивниот факултет.

-Станува збор за отстапување на сериозна опрема на трајно користење во функција на наставата и лабораториските вежби, во функција на истражувања – дипломски,  магистерски и докторски трудови. Станува збор за можеби еден добар почеток на продлабочена соработка со оваа компанија. Искрено се надевам дека ова е почеток на подобар однос помеѓу индустријата и Машинскиот факултет односно високото образование воопшто, истакна Петрески.

Ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова рече дека оваа реномирана македонска компанија го препознала квалитетот на УКИМ и кадарот што тој го создава, нагласувајќи дека меѓу основните приоритети на Универзитетот е соработката со реалниот сектор.

-И многу интензивно работиме на ова поле. Практичната настава е еден од тие сегменти, но и овој вид на соработка, кога компаниите донираат опрема на нашиот Универзитет, е и тоа како значајно. Значајно е затоа што нашите студенти ќе можат да развијат креативност, да бидат иновативни, своите идеи да ги преточат во прототипови на производи и многу поблиску да се запознаат со реалниот процес и да им го олесниме, на некој начин, преодот од училниците и лабораториите во реалниот сектор. Затоа оваа иницијатива е навистина значајна и е за поздравување. Се надевам дека во иднина ќе имаме и други вакви иницијативи, рече Ангелова.

Министерката Јаневска со повик и други компании, по примерот на  ЛТХ Леарница Охрид, да донираат во образовни цели. Посочи дека ова е „добра синергија меѓу индустријата односно приватниот сектор и високото образование“ што, рече,  ќе придонесе не само за подобрување на квалитетот на образованието и практичната настава на студентите за тие „да го најдат своето место на пазарот на труд, туку и за добробит на целото општество“.

-Апелирам по овој пример и други компании да се вклучат заеднички да работат за добробит на општеството. На приватниот сектор, на индустријата, им треба доброобучен кадар кој веднаш ќе може да се вклучи во процесите на производство или други активности, па оттука, ваквиот пример е навистина многу значаен и очекувам дека во иднина и други компании ќе го следат овој пример, иако има други такви, изјави Јаневска.

Нагласи дека и државата ќе продолжи да помага во подобрување на квалитетот на образованието и вклучување на студентите во практичната настава. Како што рече, оваа година има „многу повеќе средства во буџетот за разлика од претходната“ – на државните универзитети годинава им се распределени 6,5 милијарди денари, што е за 1,5 милијарда повеќе од лани, а за наука се обезбедени двојно повеќе средства – 680 милиони денари т.е. за 300 милиони повеќе од минатата година.