Вештачката интелигенција и роботите ќе ги заменат сите работни места, а работата ќе биде прашање на избор за луѓето, објави американскиот претприемач и најбогатиот човек во светот, Илон Маск, на својата социјална мрежа Икс.
Тој ја спореди ситуацијата со садење сопствен зеленчук и забележа дека работата, како и садењето, ќе стане нешто што ќе биде прашање на задоволство за луѓето, а не потреба.
Американскиот бизнисмен на овој начин коментираше за актуелната вест дека Амазон планира да ја замени работната сила од 600.000 вработени со роботи до 2033 година.
Технолошките компании и некои инвеститори сметаат дека вештачката интелигенција ќе ги замени работниците многу брзо, но независните студии покажуваат дека трансформацијата на пазарот на труд под влијание на вештачка интелигенција ќе биде пред сè постепена промена, а не нагло исчезнување на работните места.
Според анализата на Меѓународната организација на трудот, околу една четвртина од сите работни места на глобално ниво би можеле значително да се променат поради вештачката интелигенција.
Многу работници ќе ја променат содржината на своите работни места, но тоа не значи дека нужно ќе станат непотребни, се наведува во извештајот на веб-страницата на организацијата.