Без работа ќе останат 57% од соработниците на функционерите, ДДВ од август зголемен од 19 на 21%!
Масовни отпуштања на државни службеници во Романија стартуваа како дел од пакетот мерки за намалување на рекордниот дефицит на земјата. Во некои сегменти, намалувањето на бројките ќе достигне 57 проценти, објави романскиот министер за развој Чеке Атила, цитиран од телевизијата Антена 3.
Речиси 6.000 позиции се намалуваат од канцелариите на локалните избрани функционери и министри, од премиерот до државните секретари. Со вкупно 10.700 вакви позиции, намалувањето изнесува 57 отсто, објасни Атила.
Планот предвидува градоначалниците сега да имаат еден советник наместо двајца. Заменик-градоначалниците воопшто нема да користат советник.
„Истата шема е предвидена и за државните секретари. Во моментов, министрите имаат четири советници, јас ќе предложам три. За премиерот – пет наместо осум“, додаде Атила.
Исто така, ќе има масовни отпуштања на вработени надвор од политичките кабинети, иако персоналот таму се намалува со пониска стапка. Општата локална администрација ќе биде намалена за околу 20-25 отсто. Отпуштања ќе има и во централната администрација, иако со пониска стапка. Се очекува вкупните отпуштања да опфатат 40.000 луѓе во оваа фаза.
Романија прибегна кон вонредни мерки поради рекордно високиот дефицит од 9,3 отсто од БДП за 2024 година – далеку над ограничувањето на дефицитот од 3 отсто, според правилата на Брисел. Како одговор, Владата беше принудена да донесе строги непопуларни мерки како што се замрзнување на пензиите и платите, елиминирање на бонусите, зголемување и воведување нови даноци. ДДВ веќе се зголеми од 19 на 21 отсто од август.
Фискалните мерки предизвикаа политички скандали и големи јавни протести од страна на засегнатите групи.