Во Европската Унија, просечниот родов јаз во платите во 2023 година изнесува 12,7 отсто

Мажите во Македонија заработуваат повисоки плати од жените.  Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), на Меѓународниот ден на еднакви плати објави дека родовиот јаз во платите во земјава во 2022 година бил 13,5 отсто, а просечната годишна бруто-заработувачка на мажите била 615.725 денари, за разлика од жените со 532.625 денари.

На глобално ниво, жените заработуваат во просек 20 отсто помалку од мажите, или за секој долар што го заработува маж, жената зема околу 80 центи. Во Европската Унија, просечниот родов јаз во платите во 2023 година изнесува 12,7 отсто. Најголем јаз е забележан во Латвиа, 19 отсто, додека во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите, со родов јаз од минус 0,9 отсто.

Во Македонија, соопштуваат од алијансата, најголема разлика во просечната годишна бруто-заработувачка помеѓу мажите и жените има кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Според податоците од Државниот завод за статистика, од аспект на степенот на образование, најголем родов јаз се јавува кај вработените со високо образование.

Овие разлики се должат на повеќе фактори како што се пониска застапеност на жените на раководни функции, дискриминација на пазарот на трудот, поголема концентрација во сектори со пониско вреднуван труд, како и фактот дека од 80 до 90 отсто од работниците што примаат минимална плата се жени. Дополнително, постојат хоризонтална сегрегација – недоволно вреднување на „женските“ професии, и вертикална сегрегација – помала веројатност жените да добијат унапредување и раководни позиции.

„Овие разлики не се само прашање на правичност, туку и на економска рационалност. Во 2022 година, само 37,9% од жените биле вработени, наспроти 53,2% од мажите, а дури 57,2% од жените воопшто не биле активни на пазарот на труд. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, намалувањето на родовиот јаз во учеството на пазарот на труд за 25% до 2025 година би донело глобално зголемување на БДП за 3,9% или 5,8 трилиони американски долари. Јасно е дека жените претставуваат најголемиот неискористен потенцијал за економски раст,“ велат од Алијансата и апелираат институциите, работодавачите и целото општество да се заложат за фер застапеност, еднакви услови и еднаков напредок на жените бидејќи родовата еднаквост на работното место не е само прашање на правда туку и предуслов за економски раст, одржлив развој и праведно општество.