Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, го обвини Министерството за енергетика за системска деструкција на македонскиот електроенергетски систем и водење на државната компанија ЕСМ кон финансиски и технички крах, со цел, како што рече, отворање пат за нов „бонбона-бизнис” преку приватизација.

Според Мециновиќ, во сржта на проблемот стои подредувањето на државниот интерес под диктатот на приватниот, а особено интересите поврзани со фотоволтаични централи во сопственост на семејства на политичари и олигарси блиски до власта.

Мециновиќ предупреди дека денеска, додека чекаше ред за поставување прашања, во Кочани, Чешиново-Облешево, делови од Струмица и населби околу Скопје – немаше струја, што претставува нов сериозен крах на системот, само два дена по масовниот прекин на 18 мај.

„Во Бугарија, при истиот инцидент, успеале преку компензациски капацитети да го избегнат крахот. Кај нас – нема ни батерии, ни систем за складирање, ни капацитет за справување со вишокот. Освен, што се молите кај приватните производители да исклучат панели“, рече Мециновиќ.

Тој предупреди на системски ризик од несинхронизираното и масовно пуштање на фотоволтаици во мрежата, додека базното производство, особено од РЕК Битола, е во постојан пад.

„Имате инсталирани 900 мегавати фотоволтаици во изминатите две години, а РЕК Битола има вкупна моќност од 630 мегавати, од кои често еден генератор не работи.

Долгот на ЕСМ, кој во септември 2024 изнесувал 165 милиони евра, сега достигнал речиси 184 милиони евра, а компанијата за првпат во својата историја бележи загуба од 123 милиони евра. Министерството за финансии веќе најави дека нема да интервенира со буџетски средства, туку ЕСМ ќе мора да се задолжи кај банките.

Прашањето е дали оваа состојба е резултат на неспособност или свесно сценарио – за да се прикаже ЕСМ како неефикасна и потоа да се приватизира во полза на блиски фирми. Дали повторно ќе гледаме ‘бонбона-бизнис’ како со ЕВН?”, праша тој.

Мециновиќ побара разрешување на директорите на ЕСМ и МЕПСО и јасен план за надомест на штетите предизвикани од честите прекини на електрична енергија врз домаќинствата и бизнисите.

Тој праша дали новиот ресор е тука за зајакнување на енергетската независност, или е алатка за приватни профити на сметка на јавниот интерес?