Во тек се мерките од оперативниот план за вработување. Младите, но и повозрасните, невработени граѓани, можат да аплицираат за поддршка за отворање свој бизнис. Но, граѓаните скептични, прашуваат останаа ли млади во државата …

Вкупно 17.000 невработени лица евидентира Агенцијата за вработување во Куманово. Од нив 9.500 се активни баратели на работа, а 7500 пасивни. Надлежните се надеваат дека ваквата состојба ќе се подобри со новиот оперативен план за вработување. Целта е да се отворат нови работни места, но и да се задржат младите во државата. Граѓаните скептични. Прашуваат дали можеби доцни поддршката.

„Не знам дали ќе има доволен број млади за тоа вработување. Многу млад народ веќе е преку граници“-вели еден граѓанин.

„Треба да има нови места луѓе да не се иселуваат? Нормално да“-одговори друг.

„Кај ќе ги најдеме работниците, јас сум приватник не можам да најдам работници за кај мене“-нагласи трет.

„Може да се искористи, но кој ќе знае да го искористи“-дополни друг граѓанин.

Младите до 29 години, но и останатите имаат можност до петок да аплицираат и да ја искористат поддршката за отворање сопствен бизнис. Средствата годинава се двојно зголемени, а ќе бидат опфатени над 16.000 лица.

„Оваа година предвидени се рекордни 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра тоа значи 7,5 милиони од претходната година пари од буџетот за вработување на невработените лица“-посочи Марјан Ристески, заменик министер за економија.

„Мерките содржани се приспособени на нашето општество и економија да ги задоволат барањата на невработените, но и на работодавците. Подготвени се сите 30 центри во земјава“-истакна Весна Пешова, заменик-директор Агенција за вработување.

До денес за мерката самовработување аплицирале над три илјади и седумстотини лица на ниво на државата, кои може да добијат неповратна помош од седум и десет илјади евра. Планот предвидува и останати мерки, огласи и обуки.

„Ние како бизниси ги поддржуваме ваквите планови бидејќи ќе се намали бројот на невработени и ќе ги поттикне младите да отвораат нови бизниси“-истакна Јован Гроздановски, стопанственик.

Од Општина Куманово со поддршка за мерките. Се надеваат дека наскоро ќе се види резултатот.

Интересот за оперативниот план за вработување во Куманово е голем. Во Агенцијата за вработување досега пристигнале 214 апликации.