И покрај тоа што речиси во сите земји од регионот се зголемени цените на храната, сепак, во Грција, Албанија, Црна Гора Србија… многу производи се поевтини од нашите. Освен овошјето и зеленчукот, во овие земји и цените на месото се пониски откај нас. Многу граѓани што летово патуваат на одмор во некоја од соседните земји, забележуваат дека месото е за евро до две поевтино откај нас. Од месарниците во Скопје потврдуваат за весникот ВЕЧЕР дека кај нас цените на месото се повисоки од оние во соседните земји и оти последниве месеци, откако се тргнаа мерките, месото е поскапено за околу 10 отсто. Експертите предлагаат да се замрзнат цените на период од една година, а ограничувањето да биде на нивото од март-април, кога инфлацијата беше околу 3 отсто. Граѓаните се изморија од чекањето мерки, а од Владата велат да се стрпат уште малку бидејќи анализата е прикрај.

Според податоците и процените, во моментов највисока инфлација има во Македонија. И покрај тоа што речиси во сите земји од регионот се зголемени цените на храната, сепак, во Грција, Албанија, Црна Гора Србија… многу производи се поевтини од нашите. Освен овошјето и зеленчукот, во овие земји и цените на месото се пониски откај нас. Многу граѓани што летово патуваат на одмор во некоја од соседните земји, забележуваат дека месото е за евро до две поевтино откај нас. Поради растечката инфлација, голем дел од експертите предлагаат да се замрзнат цените на период од една година, а ограничувањето да биде на нивото од март-април, кога инфлацијата беше околу 3 отсто. Граѓаните се изморија од чекањето мерки, а од Владата велат да се стрпат уште малку, бидејќи анализата е прикрај.

Од месарниците во Скопје потврдуваат за весникот ВЕЧЕР дека кај нас цените на месото се повисоки од оние во соседните земји и оти последниве месеци, откако се тргнаа мерките, месото е поскапено за околу 10 отсто.

– Цените на месото кај нас, во просек, се движат околу 6-7 евра, а во земјите во регионот од 4 до 5 евра за килограм. Откако се тргна мерката за ограничени маржи, цените на месото малку се качија, но и тоа не е доволно да се покријат растечките трошоци. Се зголемија трошоците за работна рака. За да платите еден месар, треба да издвоите 80 илјади денари за плата и за придонеси, а каде се струјата, водата и другите трошоци? Освен од домашните производители, ние увезуваме месо и од Србија, кое е поевтино откај нас – велат од месарниците.

Оттаму додаваат дека големите фарми ја диктираат цената на месото во државата. Станува збор за 4-5 фарми што сакаат да ги уништат малите фарми, да нема конкуренција и да можат ставаат високи маржи.

Цените на месото кај нас се движат од 215 до 220 денари за килограм свинско месо со коска и сланина, удината е од 6 до 7 евра, односно околу 400 денари за килограм, а иста цена се и ребрата.

Како што тргнала работата, месарниците ќе станат луксуз и граѓаните наместо свежо месо, ќе може да купуваат само замрзнато месо во маркетите.

И податоците од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) покажуваат дека цените на месото се многу зголемени. Цените на месото скокнаа за 1,2 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво откако ФАО ги објавува податоците.

Ние во јули имавме годишна инфлација од 4,8 отсто, додека во Србија и во Босна и Херцеговина инфлацијата изнесуваше 4,6 отсто, во Хрватска 4,5, во Косово 4,3 и во Црна Гора 4,2 отсто.

Најголемите генератори на инфлацијата се услугите во целина, смета премиерот Христијан Мицкоски.

– Ако ги исклучиме храната, процесуирана, и останатиот дел производи што се дел од тој синџир, како зеленчукот и така натаму, ќе видиме дека најголемите генератори на оваа инфлација се транспортните услуги и, генерално, услугите во целина. Да речеме, за една година ресторанските услуги се зголемени 24-25 отсто. Истото важи и за транспортните услуги. Кај овошјето имаме зголемување, кај јаболкате, лимоните, бананите и така натаму. Одиме детаљ по детаљ додека да одлучиме што понатаму. Нашата практика покажала дека ако само ја ограничиме маржата на одредени производи, таа се прелева во следниот месец и на крајот се нивелира. Не сакаме да паднеме во таа замка. Ги следиме и земјите од регионот, каде што секаде е зголемена инфлацијата и секаде е поради услугите – рече Мицкоски.

Според премиерот, зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, а оние што ја нудат таа услуга ја качуваат цената додека консументите имаат пари да ја платат.

– Направивме анализа и дојдовме до следнов заклучок, прво, ја направивме оваа септемвриска кошничка во однос на училишниот прибор, бидејќи цените што се репер се оние што беа на 1 јуни и имаме ограничување на тие цени – рече премиерот Мицкоски.

Деновиве, и економските експерти потврдија дека транспортот, услугите и зголемената домашна потрошувачка прават притисок на инфлацијата.

– Во светот, инфлациските притисоци од храната веќе подолго време се намалени, а економските политики се насочени кон нови предизвици: кон цените на услугите, стабилизирањето на домашната побарувачка и закотвувањето на инфлациските очекувања. Напредните економии се откажуваат од краткорочни и популистички мерки како замрзнување на цените, кои имаат само моментен ефект и преминуваат кон целни политики насочени кон најранливите категории, истовремено зајакнувајќи ја долгорочната ценовна стабилност. Во Македонија, меѓутоа, сè уште доминира реактивниот пристап, со фокус на мерки што светот веќе ги надмина. Инфлацијата кај нас сè повеќе е поттикната од засилената домашна побарувачка, порастот на реалните приходи и ценовните корекции во услугите, но економската политика продолжува да троши ресурси на широки и скапи форми на поддршка, што дополнително ја потхрануваат побарувачката. Наместо тоа, потребно е визионерско дејствување и усогласување со глобалните трендови за да не останеме заглавени во минатите економски бури – изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот аналитичар и универзитетски професор, Абил Бауш.

По 1 мај, кога истече владината мерка за ограничување на бруто профитните маржи за преку 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и на големо, трговците во Македонија слободно може да ги формираат цените, што доведе до голем пораст, пред сè на цените на овошјето, зеленчукот, месото…