Американскиот технолошки гигант Meta, сопственик на Facebook, Instagram, Threads и WhatsApp, објави дека од 10 октомври ќе престане да прикажува политички, изборни и општествени реклами во Европската Унија. Одлуката доаѓа поради новите правила на ЕУ за транспарентност во политичкото огласување.
Новата регулатива, наречена Регулатива за транспарентност и насочување на политичкото огласување (TTPA), има за цел да спречи странско мешање и манипулација со јавното мислење пред избори. Иако стапи на сила во април 2024, нејзините главни одредби ќе почнат да се применуваат од 10 октомври оваа година.
Според правилата, секоја политичка реклама мора да има ознака за транспарентност, која ќе открива кој ја платил рекламата, колку е платено, на кои избори се однесува и кои техники на таргетирање се користени за да се стигне до избирачите.
Meta изрази загриженост за новата регулатива, наведувајќи дека таа создава “значајни оперативни предизвици и правна неизвесност“ и дека вклучува „неизводливи барања“ кои го отежнуваат продолжувањето со политичко огласување во Европа.
Оваа одлука ќе има значајно влијание врз политичките кампањи и граѓанските организации кои се потпираат на дигитални платформи за да допрат до гласачите и поддржувачите – особено во пресрет на важни избори ширум ЕУ.