Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес соопшти дека постои заинтересираност од страна на финансиските институции за финансирање на експресниот железнички правец и дека имплементацијата на тој проект се очекува да започне наредната есен.

“Имавме информација преку Министерството за финансии во која имаме необрзувачки индикативна понуда која во моментот ја разгледуваме.”

“Донесена е одлука за избор на необврзувачка индикативна понуда и во периодот кој ќе следи ќе се влезе во суштината на преговорите, договор итн.”, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по обиколката на целосно обновеното одделение на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Тој нагласи дека условите кои првично се добиени се исклучително поволни, и тоа благодарение на гаранцијата од Обединетото Кралство. “Во овој момент работите одат во насока во која треба да одат, како што ги планиравме. Министерството за транспорт прави физибилити студија и студија за оценка на животната средина.”

“Тоа е процес кој трае 270 дена и треба да заврши во мај, јуни. Потоа ќе се влезе в избор на конкурентен дијалог за изведувач на проектот и очекуваме во октомври, ноември, следната есен да почне реализацијата на овој проект,” додаде Мицкоски.