Премиерот Христијан Мицкоски синоќа изјави дека редукцијата на царинските давачки е барање на бизнис секторот и дека истото не било хармонизирано со децении.
Тој истакна дека сега ќе бидат израмнети 50 проценти од царинските давачки и ќе стапат на сила од 1 јули, додека второто намалување ќе биде од 1 јануари 2026 година. „Тоа се царински ставки, парафискални давачки, кои имаат намера да го зголемат домашното производство и да помогнат во извозот на домашните производни компании и се усогласуваат со европските, што е многу важно.”
Одговарајќи на новинарско прашање во Македонскиот народен театар, пред почетокот на Свечената академија по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, Мицкоски рече: „Педесет проценти од царинските тарифи во моментов ќе бидат нивелирани и ќе важат од 1 јули, а останатите педесет проценти од 1 јануари 2026 година.”
На новинарско прашање за најавите на претседателот Доналд Трамп дека ќе воведе царина од 50 отсто за ЕУ и дали тоа може да претставува закана за македонската економија, премиерот изрази надеж дека Македонија ќе биде меѓу земјите со најниски царински стапки.
„Нашата царинска ставка во моментот е 10 проценти со САД. Ние со ова усогласување воведуваме царинска ставка од 0 проценти за производите и услугите што доаѓаат од САД, така што очекувам сето тоа да биде препознаено. Веќе сме во сериозни разговори со администрацијата на претседателот Трамп. Јас веќе неколку пати разговарав со американскиот државен секретар за економија Хауард Лутник. Мислам дека ќе бидеме меѓу оние земји кои ќе имаат меѓу најниски ставки откако ќе се потпише тој договор,” заклучи Мицкоски.