Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека извештајот на Државниот завод за статистика за земјоделството, кој укажува на зголемени вложувања и поголеми резултати, е позитивен за земјоделците на кои им се исплатени над осум милијарди денари субвенции.
“Апсолутно е тоа точно, и тоа го покажува новиот извештај на Државниот завод за статистика.”
Тој додаде дека има двоцифрен пораст на производството, односно зголемување на цените кон откупувачите, кои најчесто се насочени кон извоз, и “незначително 1,2 2 отсто зголемени вложувања во трошоците, во расходната страна на земјоделците.”
“И тоа е веќе неколку месеци и тоа е одлично. Тоа е одличен параметар, тоа значи повеќе пари за инвестиции и повеќе пари за земјоделците”, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при отворањето на комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези.
Во врска со поддршката што Владата ја дава на земјоделците, премиерот посочи дека минатата година се доделени повеќе од 8 милијарди денари за исплата на заостанати субвенции од 2021 година.
“Од 2021 плаќавме од 2021, 2022, 2023-та и 2024-та година, мислам дека е заокружена. Сега треба да се размислува за тековната година. Така што од 2021 година се плаќаат заостанати субвенции од 8,6 милијарди денари, од прилика”, објасни Мицкоски.
Тој исто така најави дека на денешната седница Владата ќе го разгледува ребалансот на буџетот и истакна дека со ребалансот ќе има повеќе средства за општините, повисоки плати, пензии, како и за здравството.
“Таму се средствата за оние проекти, коишто се во рамки на единиците на локална самоуправа, средства за повеќе субвенции, повисоки плати, пензии, здравство…”
“Но, после да речеме по усвојување на Предлог буџетот во прво читање во рамките на владината седница ќе биде тоа претпоставувам објаснето пред медиумите”, изјави Мицкоски.