Минималната плата ќе се зголеми согласно закон и повисоките примања ќе почнат да се исплаќаат од април, најави премиерот Христијан Мицкоски на седницата на Економско-социјален совет.
Тој информира дека на дневен ред е информацијата за висината на минималната плата за 2026 година, која, како што рече, очекува да биде усвоена и на следната владина седница. Според најавата, новата минимална плата ќе почне да се исплатува од април, за месец март.
Мицкоски посочи дека Владата досега регулирала 95 проценти од односите со синдикатите преку колективни договори со рок на реализација до 2028 година, нагласувајќи дека не презема обврски што би важеле по истекот на мандатот.
„Се однесуваме одговорно во рамките на мандатот што сме го добиле од граѓаните и не преземаме обврски за период по 2028 година“, изјави премиерот, додавајќи дека актуелната Влада има обврска да ги решава, како што рече, наталожените проблеми од минатото.
Тој потсети дека во изминатиот период бил постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати во администрацијата, а во процесот биле вклучени и други синдикални организации кои првично не учествувале во преговорите.
Премиерот изрази очекување дека ќе продолжи и ќе се интензивира бипартитниот дијалог меѓу работодавачите и работниците, нагласувајќи дека институционалниот дијалог е единствениот начин за изнаоѓање конструктивни решенија.
„Вон-институционални механизми постојат, но искуството покажува дека решенијата се носат во рамките на институциите“, порача Мицкоски, додавајќи дека Владата останува отворена за соработка во рамките на своите надлежности. објави Скопје1.мк