Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, од кои очекувањата се 65 проценти да се млади до 29 години, информира на денешната прес-конференција претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Мицкоски посочи дека оперативниот план за вработување, мерки и програми кои ќе понудат работа и поддршка на пазарот на трудот бил срочен на последната седница на Владата.
„Со овој план се опфаќаат две глави точки, првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво“, изјави премиерот.
Мицкоски рече дека се очекува голема вклученост на млади, бидејќи мерките кои биле креирани имале за цел да ја опфатат токму оваа категорија на граѓани. Младите се ставени во фокусот и со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила.
„Поддршка за самовработување, поддршка за вработување на лица со попреченост, обука на работно место, обуки и многу други мерки. Ги повикуваме граѓаните да се запознаат во целост со можностите што ги нуди Оперативниот план. Секој човек е важен, а ние како Влада ќе се обидеме да отвориме повеќе работни места“, изјави Мицкоски.
Како што посочи, со оперативниот план за активните програми, мерки за вработување услуги на пазарот на трудот за 2025 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста кај младите, долгорочно невработените и корисниците на минимална помош.