На свеченоста „Од нива до трпеза“, која денес се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати порака за афирмација на македонското земјоделство, нагласувајќи дека Владата е посветена на неговиот развој и помош на производителите.

“Македонија има потенцијал и тоа не е фраза, тоа е факт. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва. Но пред се имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат од рани зори, од кал на рацете, од работа до доцна навечер. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие се столбот на економијата, на традицијата и на иднината”, рече премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека земјоделството претставува стратешки приоритет на Владата, потенцирајќи дека во изминатите единаесет месеци се исплатени над 8 милијарди денари во надоместоци и парични поддршки кон земјоделците.

“Ова не се празни зборови, ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија: да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот”, изјави премиерот, апелирајќи до граѓаните да ја поткрепат домашната продукција со набавка на македонски производи.

На манифестацијата, 25 општини од државата ги презентираат своите локални производи, меѓу кои се различни винарии, пекари, производители на мед и рачни изработки.

Настанот, кој е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има цел да ја промовира традиционалната македонска храна, карактеристична за секоја општина, како и убавините на нашиот рурален туризам.