Само со нулта толеранција кон корупцијата, економски раст од 5% во просек годишно, членство во Европската Унија и ефикасна јавна администрација до поголем долгорочен развој. Ова се заклучоците од првиот ден на Самитот Македонија 2025. Извршната директорка на организацијата нотираше дека се забележува прогрес во Македонија, но во изминатиот период дека другите економии растеле побрзо од нас. Таа смета дека државата треба да одлучи околу моделот за раст на економијата бидејќи ниските даноци не оделе во корелација со големите трошоци за социјала, а младите се уште гледале на администрацијата како поповолна варијанта за работа отколку во приватниот сектор или пак опцијата да почнат свој бизнис.
Реални се шансите за економски раст помеѓу 3 и пол и 4 проценти што ќе биде еден од најголемите во Европа – смета премиерот Мицкоски. Од крајно неповолната состојба од минус 200 милиони евра во државната каса на старт на мандатот, огромен напредок бил направен за 10 месеци. Ако состојбите во автомобилската индустрија се подобрат, тој очекува и повисоки перформанси на економијата. Мицкоски рече дека напорите се насочени кон интензивна градба на инфраструктурата, бидејќи Македонија , според него, треба да ја искористи стратешката предност што се наоѓа на крстосница на патните коридори 8 и 10.
„Во третиот и во четвртиот квартал бележевме стапка на раст од над 3%, а з апрвиот квартал од оваа година, имајќи ги првичните индикатори, индустриското производство, туризмот и останатото, не би се изненадил ако имаме помеѓу 3 и пол и 4%, што ќе претставува раст на БДП еден од водечките во Европа и ние не можеме да направиме целосна трансформација бидејќи нашите трговски партнери се земји што имаат раст на БДП или негативен или меѓу 0 и 1%“ – рече Мицкоски..
Ако државата сака да оди напред, Владата мора да ја поддржи дигиталната трансформација – велат од Македонија 2025. Оттаму сметаат дека на технологијата треба да се гледа како на стратешки ресурс и дека вештачката интелигенција неминовно ќе стане суштински дел од сите сектори.
На неколкудневниот Самит Македонија 2025 дебатираат 500 гости, поранешни и сегашни премиери, министри од земјава и странство, експерти, претприемачи. Во фокусот на разговорите се начините како да забрза економскиот раст во нестабилни глобални околности, дигитализацијата и вештачката интелигенција, иновациите во економијата и како да се зголеми улогата на дијаспората во креирање поголем развој во Македонија.