Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун објави пакет мерки вреден 1,6 милијарди евра, наменет за поддршка на над четири милиони даночни обврзници. Тој истакна дека станува збор за „најсмелата реформа на данокот на приход во историјата на современа Грција“, пакет со кој ќе бидат опфатени „оние кои досега не добија помош како другите“, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Во своето обраќање на свеченото отворање на Саемот, традиционално место каде што грчкиот премиер го претставува владиниот план за наредната година, Мицотакис за конкретните реформи изјави дека е „план кој би можел да има многу наслови: „време е за средната класа“, „време е за семејството“, „време е за новата генерација“.
Овие мерки, кои ќе бидат применети со буџетот за 2026 година, се насочени кон домаќинствата, посебно младите семејства, средната класа и пензионерите. Тие вклучуваат: редукција за два процентни поени на основните даночни стапки, дополнителни бенефиции за фамилиите, особено за оние со три и повеќе деца; нулта даночна стапка за поединци под 25 години со годишен приход помал од 20,000 евра; и помал данок за жителите на помалите острови и руралните средини со помалку од 20,000 жители.
„Нема да дадам ветувања, ниту пари што не постојат. Никогаш нема да го сторам тоа. Тука сум со цел да зборувам за заеднички развој, за реструктуирање на националната економија што ќе доведе до просперитет на Грците.“ Ова го изјави Мицотакис, потсетувајќи на неговото прво појавување на Меѓународниот саем во Солун во 2016 година како претседател на Нова Демократија, кога беше потпишана „Спогодбата за вистината“, која, според него, ја извлече земјата од кризата.
“Денес ви се обраќам од истата говорница по десетти пат. Моето политичко искуство сега е поголемо, исто како и сивите влакна во мојата коса”, додаде Мицотакис на почетокот од неговиот 67-минутен говор.
Тој ги презентираше сите даночни мерки и нагласи дека владината одлука е „да притиснеме на гас“ сè до изборите во 2027 година кога ќе се бори за нов четиригодишен мандат „уште поуспешен, со помалку грешки и со повеќе резултати“. Се очекува новите мерки детално да бидат образложени денес за време на традиционалната прес-конференција на грчкиот премиер на маргините на Меѓународниот саем во Солун.
За време на вчерашното свечено отворање на Саемот, синдикатите организираа низа протести против владината политика. Во Атина, истовремено со говорот на Мицотакис, илјадници граѓани пред грчкиот парламент бараа правда за жртвите во железничката несреќа кај Темпи, која се случи пред две и пол години. Како што објави МИА, протестот заврши со молотови коктели, тензии и над 20 приведени лица.