Во нашиот економски план, нашето очекување е дека секоја година ќе можеме да го враќаме развојниот суфицит кон општеството на праведен начин, секогаш во согласност со европските фискални правила, токму како што правиме и за 2026 година, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателот на Грција, Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

Детално се осврна на мерките што во саботата ги соопшти од Меѓународниот саем во Солун за кои рече дека имаат за цел „да го поддржат грчкото општество во големиот проблем со поскапувањата на цените“ и истакна дека граѓаните ќе видат зголемувања од јануари 2026 година.

– Се наоѓаме во поволна положба во споредба со други европски земји за да можеме да ги намалуваме даноците и да ги зголемуваме трошоците и мислам дека ова е кулминација на разумната економска политика, која ќе има и длабочина и континуитет, порача Мицотакис.

Грчкиот претседател истакна дека „непријател број еден на општеството во моментов е поскапувањето на цените“ и нагласи дека алатките за справување треба да бидат стабилни, трајни и да издржат со текот на времето, но „пред сè, да доаѓаат од економија што може да ги издржи“.

– Доколку нашата економија ги немаше постигнато овие резултати, и во однос на суфицитот и во однос на фискалниот простор, должен сум да кажам, иако тоа можеби не звучи особено пријатно, дека ќе требаше да бидеме значително повоздржани. За среќа, успесите и текот на економијата ни го дозволуваат тоа и се чини дека со овој износ, што се проценува на околу 1,76 милијарди евра придобивки, без разлика дали се преку позитивни мерки, или преку намалување на даноци, имаме доказ за добриот тек на економијата и главно доказ за фискалната дисциплина, која, иако можеби не звучи како особено возбудлив израз, сепак ѝ овозможува на земјата да избегне нови перипетии слични на оние од минатото, порача Тасулас.