Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека според нивните пресметки, минималната плата во земјата од март 2026 година ќе се зголеми само за околу 1.600 денари, во рамки на законското усогласување со растот на просечната плата на годишно ниво. Тоа значи дека минималецот би достигнал околу 26.000 денари, далеку под очекувањата на синдикатите, кои бараа итно зголемување на најмалку 600 евра.
Според ССМ, дури и со ова усогласување, Македонија ќе остане со убедливо најниска минимална плата во регионот. Од таму потсетуваат дека политички претставници претходно најавија зголемување од 2.000 денари, но расчекорот меѓу најавите и реалниот ефект повторно ја отвора дебатата за куповната моќ и достоинствените примања.
Во споредба со соседството, јазот станува уште поочигледен:
- Косово – минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази: 425 евра од јануари 2026, 500 евра од јули 2026.
- Албанија – од 1 јануари 2026 минималната плата ќе изнесува 500 евра; Владата ќе субвенционира дел од трошоците за осигурување на приватниот сектор во износ од 90 милиони евра.
- Србија – минималецот изнесува 500 евра од октомври 2025, а од јануари 2026 се зголемува на 550 евра.
- Република Српска – минималната плата од јануари 2026 ќе варира од 512 до 743 евра, во зависност од степенот на квалификација.
- Босна и Херцеговина – минималната плата за 2025 година изнесува 511 евра.
- Црна Гора – минималецот е 600 евра за работници со средно образование, односно 800 евра за работници со високо образование.
ССМ остро реагира дека владините политики, заедно со поддршката на дел од работодавачите и одредени синдикални организации, создаваат притисок за одржување на ниско ниво на платите.
„Жалосно е што некои синдикати, како КСС, се форсираат да бидат репрезентативни само за да не се дозволи реално зголемување на примањата“, наведуваат од ССМ.
Пазарните аналитичари посочуваат дека динамиката на растот на минималната плата ќе биде еден од клучните фактори за домашната побарувачка, продуктивноста и конкурентноста на економијата во наредниот период, особено во услови на забрзано усогласување на платите во регионот и растечка миграција на работната сила.