Министерството за дигитална трансформација денеска потпиша Меморандум за соработка со компанијата Visa, со што се отвора нова фаза во развојот на дигиталните јавни услуги и модернизацијата на административните процеси во земјата. Меморандумот го потпишаа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа.
Со ова партнерство, двете страни ќе работат на унапредување на дигиталниот идентитет, развој на дигитален паричник и примена на современи технологии за дигитални плаќања, со цел зголемување на достапноста, ефикасноста и квалитетот на електронските државни услуги за граѓаните и деловните субјекти.

Во фокусот на соработката се:
-Унапредување на дигиталниот идентитет и функционалностите за плаќање на Националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk и мобилната апликација m.Uslugi;
-Развој на инфраструктура за прифаќање дигитални плаќања на шалтерите во институциите од јавниот сектор;
-Промоција и подигнување на свеста за придобивките од е-услугите и електронските плаќања кај граѓаните, бизнисите и државните службеници.
Министерот Андоновски истакна дека дигитализацијата на услугите и воведувањето сигурни и едноставни начини на електронско плаќање се клучни за изградба на модерна и ефикасна јавна администрација.
„Нашата цел е јасна – помалку време на шалтери, повеќе услуги достапни онлајн и современи, сигурни начини на плаќање каде што е потребно. Со оваа соработка правиме конкретен чекор кон дигитална држава што работи во интерес на граѓаните“, изјави Андоновски.
Со потпишувањето на Меморандумот, Министерството за дигитална трансформација продолжува со имплементација на конкретни решенија за поедноставување на процедурите, намалување на административниот товар и подобрување на корисничкото искуство во користењето на јавните услуги.