Климите се наменети за ранливи домаќинства кои ќе добијат ваучери за купување и вградување на инвертери.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини распиша јавен оглас на кој бара компании кои продаваат високоефикасни инвертер клима уреди, заради реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година. Компаниите кои ќе сакаат да учествуваат на огласот треба да имаат во понудата инвертер клими со моќност од 3,5 kW кои имаат најмалку енергетска класа А+ и чија цена за купување и вградување нема да биде повисока од 28.000,00 денари со вклучен ДДВ.
Климите се наменети за ранливи домаќинства кои ќе добијат ваучери за купување и вградување на инвертери во бруто износ не повисок од 28.000,00 денари по домаќинство.
„Основна цел на овој оглас е да се заштитат потрошувачите на енергија коишто спаѓаат во
категоријата на ранливи потрошувачи на енергија. Домаќинствата кои ќе се стекнат со потврда-ваучер ќе ги користат истите во правните субјекти кои вршат трговија со инвертер клима уреди, а со кои Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе склучи договор врз основа на овој јавен оглас“, посочуваат од Министерството.
Право на учество на овој јавен оглас имаат сите правни субјекти регистрирани во Централен
Регистар, а кои вршат трговија со инвертер клима уреди. Тие освен за јачината и за цената ќе треба да гарантираат и дека инвертер клима уредите ќе бидат вградени на адресата која е наведена во ваучерот и дека за климите ќе дадат гаранција за период од две години од денот на вградување и нема да наплатат дополнителни трошоци за вградување.
Образецот на барањето, модел на понудата и модел договорот можат да се подигнат од веб страната на Министерството, www.energy.gov.mk, и да се достават во рок од осум дена.