Министрите за финансии на Групата 20 развиени и земји во развој се спогодија за заедничка завршна декларација на нивната средба во јужноафричкиот град Дурбан, за првпат откако американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот втор мандат.

Во документот, презентиран вчера од јужноафриканското претседателство, е постигната согласност за клучните проблеми за светската економија.

Тие ги опфаќаат постоечките војни и судири, трговските несогласувања, пореметувањата во глобалните синџири на набавки, големиот обем на долгови и природните непогоди, кои, според документот, влијаат на економскиот развој, финансиската сигурност и стабилноста на цените.

Финансиските министри на Г20 се состанаа повеќепати од почетокот на годината, но не успеаја да се усогласат за заедничко соопштение на претходните собири.

Самитот на шефови на држави и влади на Г20 е планиран да се одржи во јужноафриканската метропола Јоханесбург. Групацијата ги вклучува 19 земји, Европската Унија и Африканската Унија.