На 10 јуни 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и присутните ризици од надворешното и од домашното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Комбинацијата на досегашните мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочена кон јакнење на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи. Имено, во мај 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 3,3%. Ова во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбената компонента, што следува по завршувањето на важноста на мерките за ограничување на растот на цените. Од друга страна, порастот на базичната компонента на инфлацијата на годишна основа значително забави, додека трендот на намалување на цените на енергентите се задржа и во мај. Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети во надолна насока, но и покрај тоа неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сѐ уште е високо изразена. Оттука,  ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката.   

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.691,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со втората декада од мај упатуваат на солидни нето-приливи од приватните трансфери за вториот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во април засега е малку понизок од оцените за вториот квартал. Тековите во билансот на плаќања во првиот квартал од 2025 година се главно во рамките на очекувањата.

Економската активност во првиот квартал на 2025 година и натаму расте и изнесува 3,0%, слично на остварувањата во претходните два квартала и согласно очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Засега, податоците во април покажуваат раст на индустриското производство, додека прометот во вкупната трговија бележи реален пад. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и со обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Имено, во согласност со првичните податоци за мај, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се малку повисоки од оцените за вториот квартал од годината.

Општо земено, најновите остварувања кај најважните макроекономски показатели, како и согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека укажуваат на потреба од натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму се изразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.