Претседателот на Сојузот на Синдикатите Дарко Димовски на денешната средба со претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин ја добил поддршката за донесување на законското решение со кое минималната плата ќе се зголеми на 18 илјади денари, а спирално ќе се зголемат и останатите плати. Како што е соопштено, Морачанин кажала дека ќе го предложи ова законското решение во Собранието на Македонија.
На средбата се дискутирало за барањето на ССМ пратениците да го поддржат и предложат предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата со кој минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари и спирално ќе се зголемат останатите плати, соопшти ДОМ.
„Од страна на пратеничката Морачанин беше истакнато дека предлогот на ССМ ќе биде поддржан и предложен во Собранието. Работниците ја добиваат потребната поддршка во Собранието и од страна на пратеничката Морачанин, а со цел унапредување на нивните работнички права и остварување на правото на достоинствена плата со зголемување на минималната плата и со спирално зголемување на останатите плати“, пишува во соопштението.
Претседателот на ССМ, Димовски истакна дека ССМ ја поздравува одлуката партијата ДОМ да го предложи до Собранието предлог законот на ССМ поднесен во декември за зголемување на минималната плата и дека работниците ќе го ценат придонесот на пратениците кои им подаваат рака кога им е најтешко, се вели во соопштението.