Нови активности на релацијата Белград – Битола поврзани со можното преземање на Стопанска банка. До Комисијата за заштита на конкуренцијата пристигнало известување за концентрација со која Алта Груп ДОО Београд ќе стекне контрола над Стопанска банка Битола.

За учесниците во концентрацијата и нивни деловни активности се наведува дека српската групација е со претежна дејност друго монетарно посредување и не остварува приход во Македонија. А, битолската банка е една од регионалните комерцијални банки на македонскиот пазар со долга историја на деловна активност и силно присуство во областа на финансиските услуги – прибирање депозити, одобрување кредити, платен промет, електронско банкарство…

„За потребите на оценка на предметната концентрација, подносителот на известувањето предлага релевантниот пазар на производи да се дефинира како пазар на пружање на банкарски услуги, а релевантниот географски пазар да се дефинира како територијата на Република Северна Македонија.

Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“, посочуваат од КЗК.

Притоа, Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават свои забелешки и мислења за оваа концентрација. А, веќе тече дадениот десетдневен рок.

Пари веќе пишуваше дека Управниот одбор на Стопанска банка Битола доби официјално известување за намерата да се даде понуда за преземање од Алта Груп. Откупот би се извршил по износ од 3.777 денари за акција.

Малата банка од Битола има издадено 390.977 обични акции, а за нив Алта Груп би платила околу 24 милиони евра.

Сериозната понуда е од компанија во чија сопственост е и Алта банка, која се издвојува како една од најбрзо растечките и најиновативните банки во Србија. Станува збор за наследникот на поранешната Јубмес банка, формирана во 1979 година. Но, вистинската трансформација почнала во 2019 година, кога доминантен сопственик станува Алта Груп. Оттогаш има постигнато значајни резултати. Базата на клиенти е зголемена повеќекратно. Фокусот на кредитната активност е насочен кон корпоративниот сектор. Минатата година Алта банка ја завршила со оперативна добивка од 20 милиони и со нето-профит од 16,2 милиони евра. За пет години таа банка достигнала пазарен удел од 1,84 проценти (0,5% во 2019 година). Има актива од над една милијарда евра.