Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера потврди дека бугарските власти ѝ понудиле на Македонија помош во мазут за да се надмине кризната состојба со овој енергенс што завчера ја прогласи Владата.
Од МНР велат дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја одбил понудената помош од Бугарија.
„Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, велат од МНР.
Во исто време, Муцунски му рекол на Георгиев дека Македонија е подготвена да ѝ помогне на Бугарија доколку таму има потреба од ваква или слична помош.
Поради протестите на грчките земјоделци, Македонија има проблем да ги увезе потребните количества мазут за производство на струја во ТЕЦ „Неготино“, поради што беа активирани државните резерви на мазут.