Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека денес е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на апликации за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година. Овој повик е наменет за компензација на трошоците за одржување на високогорските пасишта и ливади, како и за поддршка на традиционалното сточарство, со цел зачувување на руралните области и поттикнување на одржливо земјоделство.

Право на финансиска помош имаат земјоделските стопанства кои се заведени во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој.

Висината на поддршката изнесува 100% од исплатената просечна нето-плата во периодот од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како надомест за трошоците за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри. Исто така, се доделуваат 60% од исплатената просечна нето-плата во истиот период, за трошоците за чување и напасување на добитокот на пасишта и ливади кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.

Условите за доделување на финансиската поддршка се: едно вработено лице на 150 овци; едно вработено лице на 100 кози; едно вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620,000 денари по вработено лице, со обврска за задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.

Барањата со комплетната потребна документација треба да се достават најдоцна до 30 јули 2025 година.

Мерката, како што информираат од МЗШВ, е дел од континуираните напори на Владата за поддршка на руралниот развој и зачувување на традиционалното сточарство во планинските предели на нашата држава. „Мерката, како што информираат од МЗШВ е дел од континуираните напори на Владата за поддршка на руралниот развој и зачувување на традиционалното сточарство во планинските подрачја на нашата земја.“