Додека лидерите на НАТО се собраа во Хаг кон крајот на јуни за да усогласат план за драстично зголемување на воените трошоци, банкарите во Лондон беа зафатени со пресметување на нарачките од инвеститорите за обврзница што ја издава малку познат чешки производител на оклопни возила и муниција.

Конечниот биланс: над 10 милијарди долари за продажба што првично не требаше да надмине ни 1 милијарда. Воодушевени од интересот, организаторите веднаш ја удвоија големината на зделката на над 2 милијарди долари и значително ги намалија каматните стапки што ги нудеа. Само неколку дена претходно описот „производител на експлозиви“ покрај името на една шпанска компанија што се подготвуваше да издаде обврзници со висок ризик предизвика мала еуфорија. Компанијата „Максам Прил“ (Maxam Prill) се рекламира како снабдувач на рударската индустрија, но инвеститорите се фокусираа на можната воена примена на уредите, втурнувајќи се во продажбата вредна 1,4 милијарда долари.

Во моментов има малку инвестициски бумови во светот што се поголеми од трката за профитирање од европската воена надградба. Иако берзата со вртоглав пораст од 100 и 200 отсто кај акциите на одбранбени компании е во фокусот на јавноста, токму кредитните пазари ќе обезбедат најголем дел од готовината што ѝ е потребна на европската индустрија за да го зголеми производството и да ги исполни нарачките вредни трилиони евра што постојано пристигнуваат од владите за тенкови, бомби и оружје.

Дури и компании што имаат тешкотии, како и оние што само површно се поврзани со одбранбената индустрија, привлекуваат кредитни инвеститори. Обврзниците на „Еутелсат комуникации“ (Eutelsat Communications SA), која одговара на двете категории, бележат нагло зголемување во последните месеци, поради новата стратешка важност на оваа сателитска компанија, што ја тргна од листата на субјекти што се сметаа за финансиски загрозени. А дури и компаниите што се премногу мали за да се појават на пазарот на обврзници, список што вклучува илјадници бизниси низ континентот, имаат десетици потенцијални понудувачи на приватниот кредитен пазар, подготвени да им испишат чек.

Сите, од големи инвестициски фондови како „Карлајл груп“ (Carlyle Group Inc.) и „Арес менаџмент“ (Ares Management Corp.), до помали компании како „Пембертон асет менаџмент“ (Pemberton Asset Management), се натпреваруваат кој повеќе ќе им позајми на одбранбените компании. Меѓу инвеститорите владее убедувањето дека лидерите на Европа, разбудени од шокот предизвикан од претседателот Доналд Трамп, се толку решени да ја намалат зависноста од американската воена моќ, што оваа воена надградба на континентот ќе трае со години, ако не и со децении.

„Ова ќе биде тренд од кој нема враќање“, изјави Стефан Хупс, главен извршен директор на инвестициското крило на „Дојче банк“ (Deutsche Bank AG), „ДВС груп“ (DWS Group), во интервју за телевизијата „Блумберг“. Компанијата е „многу фокусирана“ на зголемување на финансирањето за одбранбени компании, рече Хупс. „Европските земји јасно покажуваат дека ќе трошат многу повеќе за одбрана, така што возот веќе тргна од станицата“.

Обврзниците на „Еутелсат“ нагло поскапеа поради новата стратешка важност

Bloomberg
 

Возбудата околу секторот, се разбира, може да потрае пред да се пренесе и во договори за приватно кредитирање. Директните кредитори обично имаат потреба од повеќе време за да пласираат средства, особено кога навлегуваат во нови индустрии, а средствата што беа собрани пред неколку години можат да имаат ограничувања поврзани со животната средина, социјални прашања и корпоративно управување, кога станува збор за инвестирање во одредени типови одбранбени компании. Еден менаџер на фонд изјави дека очекува значајно зголемување на инвестициите поврзани со одбраната да се случи во текот на неколку години, можеби две, а не за неколку месеци.

Тоа делумно објаснува зошто побарувачката за обврзниците што се пласираа на пазарот во изминатите неколку недели беше толку бурна: тие му овозможуваат на кредитниот капитал да влезе во одбранбениот бизнис веднаш.

„Чехословак“ (Czechoslovak), снабдувач на Украина во војната против Русија, привлекол импресивна побарувачка од 5,6 милијарди евра (6,5 милијарди долари) за евро-издавањето од зделката и 4,1 милијарда долари за доларското издавање, според лице запознаено со трансакцијата.

„Ова е зделка што немаше да биде можна пред две години“, изјави Даниел Рудницки Шлумбергер, раководител на секторот за финансирање со висок ризик за регионот ЕМЕА во „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.), една од банките што менаџираа со продажбата. „Потребите во одбраната се навистина огромни“, додаде тој во интервју за телевизијата „Блумберг“. Претставник на „Чехословак“ ја потврди силната побарувачка за обврзниците, без да открие дополнителни детали.

Компанијата со седиште во Прага сега размислува и за првично јавно понудување, со цел да постигне процена од 30 милијарди евра или повеќе, објави „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со случајот.

Во меѓувреме инвеститорите повеќепати ѝ поставувале прашања на „Максам“ за можната воена примена на нејзините експлозиви додека траела продажбата на обврзниците, според лица запознаени со ситуацијата. Претставник на „Максам“ изјавил дека компанијата го продала својот одбранбен бизнис пред две години и дека при претставувањето пред обврзничките инвеститори се рекламирала како компанија што целосно се посветува на производство на експлозиви за цивилна употреба.

Минатиот месец и германскиот производител на радари „Хензолт“ (Hensoldt AG) се приклучи на еуфоријата. Компанијата собра двојно повеќе од првично планираниот минимум од 150 милиони евра преку трансакција во форма на „Шулдшајн“ (Schuldschein), откако зделката беше значително преплатена.

Но има ограничен број европски одбранбени компании што се доволно големи за да пристапат до јавниот пазар на обврзници, а илјадници мали бизниси што се клучни за синџирите на снабдување. Токму затоа поголемиот дел од финансирањето на крајот ќе доаѓа од пазарите за приватно кредитирање.

„И на малите компании им треба финансирање, а некои од нив се семејни бизниси што ќе сакаат да се прошират“, изјави аналитичарката Андреа Петроци-Урбан од „Морнингстар ДБРС“ (Morningstar DBRS). „Токму затоа приватното кредитирање може да добие на замав, затоа што тие компании можат да седнат директно со кредитори што се пофлексибилни од традиционалните банки“.

Историски гледано, фондовите за приватно кредитирање ретко обрнувале внимание на одбранбениот сектор, а факторите поврзани со животната средина, социјалните прашања и корпоративното управување (ЕСГ) го правеле сето тоа уште покомплицирано за кредиторите. Но ставовите и правилата се менуваат низ финансиските пазари, бидејќи Европа настојува повторно да се вооружи, а неколку приватни кредитори изјавиле за „Блумберг“ дека интересот во рамките на нивните фирми значително се зголемил.

За некои од компаниите, т.н. фирми што се поврзани со одбраната, претставуваат особено привлечна можност, имајќи предвид дека правилата за животна средина, социјални прашања и корпоративно управување (ЕСГ) сè уште го ограничуваат она во што можат да инвестираат. Неколку водечки кредитори, како „Арес“ (Ares) и „Блекстоун“ (Blackstone Inc.), гледаат сè поголема можност во области како што се сајбер-безбедноста, софтвер поврзан со одбраната, електронски компоненти и сензори, заштитна опрема и решенија за обука, велат лица запознаени со прашањето. Други, како „Сикст стрит“ (Sixth Street), сè уште немаат формирано официјален став за европската одбрана, но активно работат на тоа.

Таџ Сидху, раководител на приватното кредитирање за Европа и Азија во „Карлајл“ (Carlyle), изјави дека гледа „многу привлечни можности“ во компании од средниот пазар што се дел од синџирот на снабдување во одбраната, „каде што постои јасна побарувачка за сигурност во реализацијата и флексибилноста што приватните кредитни решенија можат да ги понудат“.
Сајмон Дрејк-Брокман, коосновач и извршен партнер на „Пембертон“, рече дека и неговата компанија забележува зголемена побарувачка за инвестиции во одбраната и компании поврзани со одбранбениот сектор и дека очекува долгорочен раст на индустријата.

Портпаролите на „Арес“ и „Блекстоун“ рекоа дека немаат што да додадат надвор од нивните јавни коментари за одбраната, додека „Сикст стрит“ не одговори на барањето за коментар. Вкупниот потенцијал на секторот е огромен. „Карлајл“ проценува дека Европа ќе потроши до 14 трилиони евра за одбрана и поврзана инфраструктура во следната деценија, откако земјите членки на НАТО ги зголемија буџетските цели на еквивалент од 5 отсто од бруто-домашниот производ. А владите исто така вршат притисок да се вклучат приватните кредитори. Белата книга (официјален стратешки документ) на Европската комисија објавена претходно годинава содржи предлози за мобилизирање приватен капитал за финансирање на повторното вооружување на континентот.

Меѓу малкуте фондови што веќе се лансирани е и нов инструмент од „Тикехау капитал“ (Tikehau Capital SCA), заедно со три осигурителни компании, кој е насочен кон одбраната, сајбер-безбедноста и европската безбедност. Фондот, со почетен ангажман од 150 милиони евра, е сличен на претходниот фонд за приватен капитал на „Тикехау“, посветен на воздушната индустрија и одбраната, но овој пат вклучува и 30 отсто наменети за приватен долг, посочува Рафаел Туен, раководител на стратегии за пазарот на капитал во француската компанија за управување со средства.

Како што ќе се приклучуваат другите, ќе треба да најдат начин како најдобро да го искористат новопојавениот интерес од клиентите и да вложат напор за да ги проверат непознатите компании што често никогаш претходно не се појавиле ниту на јавните ниту на приватните пазари на долгови. Ризиците се насекаде.

„Иако актуелната геополитичка состојба доведе до преиспитување на одбранбениот сектор, ризиците поврзани со животната средина, социјалните прашања и корпоративното управување (ЕСГ), како и социоекономските последици, се значајни за инвеститорите“, напиша неодамна Николај Халкјер Педерсен, висок истражувач во организацијата „Принципи за одговорно инвестирање“ (Principles for Responsible Investment).

Советот за алтернативен кредит, кој застапува интереси на фирми што се занимаваат со приватно кредитирање, се обидува да го надмине јазот меѓу кредиторите и малите одбранбени компании во Европа. „Поврзаноста меѓу приватното кредитирање и одбраната е посилно воспоставена во САД“, изјави Јири Крол, глобален раководител на АЦЦ (ACC). Тој и неговиот тим, како што рече, соработуваат со индустриски групации „за да им овозможат на приватните кредитни фирми подобро разбирање на потребите и специфичностите на одбранбените компании“.

Хупс, извршен директор на ДВС (DWS), вели дека е само прашање на време кога и тие помали компании ќе имаат потреба од капитал. „Како што расте бројот на нарачки за големите компании“, рече тој, „така и сите мали компании што не котираат на берза ќе мора да го зголемат својот капацитет“.