Тренчевска го праша Дурмиши кога работниците ќе го надминат прагот од 500 евра минимална плата образложувајќи дека во овие услови не е доволно ниту двајца од семејството да работат на минималец за да се платат трошоците во семејниот буџет.

Министерот Дурмиши истакна дека Владата начелно го поддржува зголемувањето на минималната плата, но предупреди дека тоа мора да биде резултат на договор меѓу синдикатите и работодавачите и да има економска оправданост.

Минималната плата и барањето за нејзино зголемување беа тема на денешната собраниска седница, каде пратениците од опозицијата побараа одговор од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, го праша Дурмиши кога работниците ќе го надминат прагот од 500 евра минимална плата образложувајќи дека во овие услови не е доволно ниту двајца од семејството да работат на минималец за да се платат трошоците во семејниот буџет.

Тренчевска му укажа на Дурмиши дека во јули 2024 година синдикалната минимална кошничка изнесувала 60 570 денари, а во септември годинава таа е 65 077 денари.

„Во оваа слика минималната плата од 24 379 денари изгледа како бројка од друг свет. Кога ќе се пресмета односот меѓу минималната плата и синдикалната кошничка, добиваме апсурдна формула. За да преживее едно семејство денеска му се потребни 2,66 минимални плати. Не е доволно ниту двајца да работат на минималец, сепак недостига една третина од платата за трошоците во семејниот буџет“,

рече Тренчевска.

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница / ФОТО: Принтскрин

Министерот Дурмиши истакна дека Владата начелно го поддржува зголемувањето на минималната плата, но предупреди дека тоа мора да биде резултат на договор меѓу синдикатите и работодавачите и да има економска оправданост.

„Како Влада и како Министерство за економија не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем којшто ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници, по што инфлацијата ќе се зголемува“,

рече Дурмиши.

Тој посочи дека ниту еден договор не сакаат да го донесат на штета на работниците и работодавачите, додавајќи дека според „Евростат“, земјата е на средина по висината на минималната плата, пред Албанија и Србија.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната собраниска седница / ФОТО: Принтскрин

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, реагираше на ставот на министерот, тврдејќи дека инфлацијата го „јаде секој денар“ кој граѓаните го земаат.

„Според вашата логика, проблемот не е дека граѓаните плаќаат повисоки сметки, туку дека ако земат минимална плата од 500 евра, ќе бидат виновни за новиот бран на инфлација“,

рече Тренчевска.

Таа го отфрли образложението на министерот дека треба да се договорат само синдикатите и работодавачите, потсетувајќи дека станува збор за трипартитен социјален дијалог во кој активен учесник е и Владата.

Тренчевска, обраќајќи му се на Дурмиши, рече и дека во март 2022 година, во време на СДСМ, „ова Собрание ги изгласа измените на Законот за минимална плата со јасна формула: минималната плата да се усогласува врз основа на 50 отсто од порастот на трошоците на живот и 50 отсто од порастот на просечната плата“, односно системски да не се дозволи минималната плата никогаш да не падне под 57 проценти од просечната плата.

„А сега ситуацијата е следна, минималната плата од 24 379 денари е на ниво од 53,8 отсто од просечната плата, која изнесува 45 310 денари“,

додаде Тренчевска.