Глобалната консултантска куќа за брендови Interbrand го објави својот годишен извештај „Best Global Brands 2025“, кој дава преглед на највредните светски брендови и покажува како водечките компании се прилагодуваат на промените на пазарот. Вкупната вредност на брендовите на листата оваа година изнесува 3,6 милијарди долари, што претставува раст од 4,4% во однос на 2024 година.

Годинешниот извештај бележи и значајни поместувања – забележани се рекордни скокови во вредноста, дури 12 нови брендови кои првпат се најдоа меѓу стоте највредни, како и неколку забележливи падови. Таквите резултати укажуваат на динамичен пазар во кој успеваат оние што брзо се прилагодуваат на новите трендови и технологии.

„Дигитално-овозможените услуги и подемот на вештачката интелигенција создаваат победници побрзо од кога било досега. Дисрупцијата е клучната сила што ги обликува глобалните брендови“ – изјави Гонзало Брухо, глобален извршен директор на Interbrand. Тој нагласи дека компаниите кои иновираат, навлегуваат во нови области и инвестираат во долгорочни бренд стратегии постигнуваат раст, додека оние што се потпираат само на својата традиција се соочуваат со предизвици.

Меѓу брендовите што остварија најголем напредок се NVIDIA, која скокна за 116% и го зазеде 15. местo, потоа YouTube (+61%), Netflix (+42%), Uber (+38%), Nintendo (+35%) и Instagram (+27%). Нивниот успех покажува колку се клучни иновациите и прилагодувањето на дигиталното опкружување за растот на пазарот.

На листата оваа година за првпат се најдоа и 12 нови имиња, меѓу кои се Blackrock, Booking.com, Qualcomm, GE Aerospace, UNIQLO, Schneider Electric, Monster, Nasdaq, BYD и Shopify. Овој рекорден број нови брендови покажува дека глобалниот пазар никогаш не бил поотворен за компании што знаат да ја спојат технологијата, одржливоста и релевантноста во современиот бизнис-свет.