Со ставање на оваа одлука вон сила, останува да виси прашањето дали и кога Национални шуми ќе им го исплати регресот за годишен одмор на вработените, и тоа за изминатите три години. Долгот е безмалку еден милион евра

На втори март Уравниот одбор на „Национални шуми“ на седница донел одлука за ставање вон сила на Одлуката за исплата на неисплатен регрес за годишен одмор за 2023, 2024 и 2025 година со производи од Јавното претпријатие (огревно дрбо за сопствени потреби), што беше донесена на 9 февруари.

Ова за „Слободен печат“ денес го изјавија од „Национални шуми“, како одговор на нашето прашање од 18 февруари – дали навистина е постигната спогодба за исплата на К-15 во огревно дрво. Тогаш претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов, ја објави спогодба, за која рече дека ја добил од загрижени вработени, и за која јавно праша дали е потпишана.

Но, со ставање на оваа одлука вон сила, останува да виси прашањето дали и кога „Национални шуми“ ќе им го исплати регресот за годишен одмор на вработените, и тоа за изминатите три години.

Во јавното претпријатие има околу 1.800 вработени и регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10.000 денари, за 2024 е 10.984, а за 2025 година е 12.372 денари. Нашата груба математика покажува дека за овие долгувања кон вработените, јавното претпријатие треба да издвои безмалку еден милион евра.

Според Општиот колективен договор за јавен сектор, склучен на 20 јули 2023 година, вработените во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.
Идејата за исплата на К-15 во огревно дрво беше остро критикувана во јавноста. Една од очигледните причини беше и што секој вработен не користи огревно дрво.