Германската индустрија во 2025 изгуби над 120.000 работни места, а експертите предупредуваат дека отпуштањата ќе продолжат и во 2026 поради слабата економија.

Германската економија останува во криза и ниту за 2026 не се гледа јасен економски подем. Најтешки последици трпи индустријата, каде само во текот на 2025 биле укинати повеќе од 120.000 работни места. Според анализата на консултантската куќа EY, до крајот на минатата година во германската индустрија работеле околу 5,38 милиони луѓе – што е 124.000 помалку во споредба со претходната година.

Студијата, заснована врз податоци од Сојузниот завод за статистика и компании со најмалку 50 вработени, покажува дека отпуштањата во 2025 биле речиси двојно повисоки отколку во 2024.

Автомобилската индустрија најпогодена

Најголем удар претрпела веќе подолги години ослабената автомобилска индустрија, каде само  во 2025 се изгубени околу 50.000 работни места. Хемиската и фармацевтската индустрија поминале значително подобро, со намалување од околу 2.000 работни позиции.

„Германската индустрија се наоѓа во длабока криза“, изјави Јан Брохилкер, извршен партнер во EY. Според него, индустрискиот промет од 2023 наваму е намален за речиси 5 проценти, а отпуштањата, и покрај тоа, сè уште се умерени. „За да се запре падот на вработеноста, потребен е јасен и силен економски подем“, предупреди тој.

Иако во 2025 индустрискиот промет паднал за 1,1 проценти, металната индустрија и електротехниката покажале раст. Последното тримесечје од 2025 било веќе десетто по ред со негативен резултат. Најголеми падови имале автомобилската,  индустријата за хартија и текстилната индустрија.

Отпуштањата на среден рок се уште подрастични: од 2019 наваму германската индустрија изгубила околу 266.000 работни места, што е речиси 5 проценти помалку вработени. Автомобилскиот сектор, пак, од 2019 има пад од 13 проценти, односно 111.000 работници.

Се очекува нов бран отпуштања во 2026

Според експертите на EY, трендот на  намалување на работните места  продолжува и во 2026. Причините се слабиот прилив на нарачки, глобалниот конкурентски притисок и  растечкиот број стечаи,  особено меѓу добавувачите во автомобилската индустрија. Дополнително, автомобилските концерни сè повеќе  го префрлаат производството,  истражувањето и развојот во странство – на директна штета на работните места во Германија.

Економистите и натаму скептични

Иако економистите очекуваат  германската економија да порасне за околу еден процент во 2026,  ефектите во индустријата ќе се почувствуваат дури подоцна. Широк економски подем се предвидува дури во 2027, кога треба да вродат со ефект државните милијарди вложени во одбраната и инфраструктурата.

Но Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања, предупредува дека без длабоки реформи шансите за стабилен раст се мали.  „Германија  нема доволно работна сила за да ги постигне стапките на раст од минатото“, истакна тој. Како решение предлага повисоки даноци, намалување на субвенциите и серија структурни реформи.

Предлозите на Фрачер: укинување на „мини-работните места“ и фискални реформи, зголемување на данокот на имот, за да се поттикне поинтензивна употреба и развој на недвижностите.

Тој исто така бара укинување или барем намалување на сите фискални субвенции што поттикнуваат емисии на штетни гасови – меѓу нив и „дизел-привилегијата“, даночните ослободувања за керозин и надоместокот за патни трошоци. Овие мерки ја чинат државата околу 60 милијарди евра годишно.

Дополнително, тој се залага за укинување на брачното оданочување (Ehegattensplitting), кое државата ја чини околу 22 милијарди евра годишно.