Според податоците на Комисијата за заштита од конкуренција, државната помош во 2023 година изнесувала 206 милиони евра или околу 1,5 процент од БДП, додека во 2024 година достигнала 235,2 милиони евра или 1,52 отсто од БДП
Во државава недостига централизирање на државната помош, таа се води во разни институции, а тоа го отежнува управувањето со овие пари. Затоа е неопходно брзо да се направи централен регистар за државна помош, со широка палета програми што се нудат и на тој начин не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат ефектите од таа помош.
Ова е пораката од регионалната панел-дискусија на тема „Зајакнување на управувањето со државната помош во Западен Балкан: транспарентност, ефективност и усогласување со ЕУ„ што се одржа во организација на „Фајненс тинк“.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека станува збор за сериозен износ, но дека тој не смее да биде товар на јавните финансии, туку напротив – треба да обезбеди економски раст.
– Државната помош не смее да претставува товар за јавните финансии, туку треба да биде инвестиција во конкурентноста и одржливиот раст. Според податоците на Комисијата за заштита од конкуренција, државната помош во 2023 година изнесувала 206 милиони евра или околу 1,5 процент од БДП, додека во 2024 година достигнала 235,2 милиони евра или 1,52 процент од БДП, што ја нагласува потребата од високо ниво на отчетност и транспарентност – рече Димитриеска-Кочоска.
Според извршната директорка на „Фајненс тинк“ Благица Петрески, во моментов нема податоци за микро доделената помош – кои се компаниите што добиле средства, од кој сектор и за која намена, а недостигот на подетални податоци оневозможува детално да се креираат политики, затоа што не е значајно само колку средства се издвојуваат како државна помош, туку и дали се тие ефективно потрошени.
– Наша препорака е што побрзо да биде изграден тој централен регистар за државна помош затоа што тука има широка палета програми што се нудат и на тој начин не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат. Кога се планира да се воведе одредена мерка или програма, задолжително е да се направи импакт евалуација на можните ефекти или кога ќе биде спроведена, да биде измерена за да не се прават грешки како во минатото кога се трошеа многу средства, без конкретни ефекти. Државната помош е една од најпотценетите теми затоа што издвојувањето од Буџетот по оваа основа изнесуваат во некои години дури и 2 процента од БДП, особено во кризни периоди – рече Петрески.
Најмногу државна помош, не само во Македонија, туку и во регионот, се издвојувала, за време на Ковид-кризата, во 2020 и 2021 година, додека од аспект на секторите, во Македонија најголема е државната поддршка во земјоделството и во бизнис секторот – за повеќе инвестиции и поголема конкурентност на компаниите.
На конференцијата учествуваа повеќе од 40 претставници од институциите од земјите од Западен Балкан.