Голем дел жителите од внатрешноста на државата имаат станови во Скопје, кои ги чуваат за децата, за внуците или да им се најдат кога ќе имаат да завршат некоја работа. Од друга страна, пак, со растот на цената на квадратот, растат и цените на изнајмувањето станови, што за многу граѓани се покажа како добра можност за заработка и затоа инвестираат во недвижности. Според податоците на Управата за јавни приходи, над 70 илјади граѓани во државата имаат по два-три стана што ги изнајмуваат.
Во државата, над 70.000 граѓани пријавиле приход од издавање имот под закуп, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи. Градежните експерти посочуваат дека бројот на оние што имаат втор и трет стан е многу поголем со оглед на тоа што многу станови зјаат празни. Голем дел од жителите од внатрешноста на државата имаат станови во Скопје, кои ги чуваат за децата, за внуците или да им се најдат кога ќе имаат да завршат некоја работа. Од друга страна, пак, со растот на цената на квадратот, растат и цените на изнајмувањето станови, што за многу граѓани се покажа како добра можност за заработка и затоа инвестираат во недвижности.
Анализите на Групацијата на агенциите за недвижности при Стопанската комора на Македонија покажуваат дека во Скопје, Тетово, Штип и во Битола има пораст на цените за изнајмување, особено во централните градски подрачја, за разлика од минатата година, кога закупните цени беа релативно стабилни, но со ограничена понуда на квалитетни станови. Годинава, во некои дела од Скопје. поради економските притисоци и урбанизацијата, цените пораснаа за 10 до 15 проценти. Предградијата како Чаир, Сарај и Гази Баба, пак, бележат раст на закупот поради зголеменото присуство на турски државјани што студираат во нашата земја.
Евиденцијата на Групацијата покажува дека и натаму најпопуларни населби за закуп на станови во Скопје се Центар, Дебар Маало, Карпош, Аеродром и Водно.
– Голем дел од жителите од внатрешноста на државата имаат станови во Скопје. Тие продаваат имоти, земјиште и купуваат станови во Скопје за да им се најдат, некои ги користат за краток престој ако имаат да завршат некоја работа, за децата доколку студираат… Некои ги изнајмуваат, но дел стојат празни. Значи, на едни целта им е само да се инвестираат парите, а други заработуваат од тоа. Последниве години се покажа дека купувањето недвижности е сигурна инвестиција – вели за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.
Според него, овој број е многу поголем, односно во државата има повеќе од 70 илјади стана што се издаваат. Тоа може да се утврди преку приходите што се остваруваат и што може да се утврдат преку годишната даночна пријава, која се поднесува во УЈП.
– Граѓаните ги инвестираа парите и купуваа станови за издавање, но видоа дека не оди тоа така лесно. Зголемената побарувачка направи хиперпродукција на станови. Сега имаме многу семејства што имаат по два-три стана, но голем дел од тие станови се празни. Појдете навечер во центарот на Скопје, во Дебар Маало или на Водно, ќе видите колку многу станови не светат, односно никој не живее во нив – додава Велковски.
Ова го потврдуваат податоците од последниот попис во 2021 година, според кои во земјава од вкупно 839.174 стана, речиси 37 отсто или над 307 илјади стана немаат жители.
Од нив, во 531.987 стана се живее, а другите 307.187 се празни, меѓу кои речиси 60.000 само во Скопје. Истовремено, пописот покажа и дека во изминатите 20 години, бројот на станови бил зголемен за дури 20,2 проценти.
Велковски смета дека за втор-трет стан во кој не се живее или за деловен простор што не се користи, данокот на имот треба да биде поголем во однос данокот што се плаќа за простор што се користи. И во Европа, втор и трет стан се даночат со повисоки даночни стапки. Мора да се стави ред во урбанистичкиот хаос во Скопје, бидејќи веќе немаме зеленило и цела Македонија ни дојде во Скопје.
Според податоците на Управата за јавни приходи (УЈП), во 2024 година вкупно 71.671 даночен обврзник пријавил приход од закуп и подзакуп. Од УЈП објаснуваат дека контролите на приходите од закуп се спроведуваат преку пошироки проверки на данокот на личен доход. Во случаи кога не е пријавен приход, се врши дополнителна пресметка со камата.
Особено внимание се посветува на краткорочното издавање преку платформите како „Airbnb“ и „Booking“. УЈП потсетува дека мора да се пријават и овие приходи и дека редовно собира информации од банките и од меѓународните даночни служби за трансакциите поврзани со вакви услуги.
Данокот на приход од закуп и подзакуп изнесува 10 %, а како даночна основа се зема бруто-приходот намален за нормирани трошоци 10 % или 15 % кај опремените станови и деловен простор.
Интересен е податокот на Катастарот за недвижности: лани биле регистрирани 8.481 недвижност дадени под закуп, меѓу кои помалку од 3.000 стана, што е малку во споредба со бројот на пријавени даночни обврзници.