Санација на свлечишта, заштита од одрони на косините со пошумување, мрежа и прскање со бетон, се дел од активностите на терен во моментов на автопатот Кичево-Охрид. Овој автопат чини речиси 600 милиони евра, а најголемиот дел од парите веќе се исплатени. Еден километар автопат во просек државата го плаќа 9,7 милиони евра.
Речиси целата сума од последно проектираната за автопатот Кичево – Охрид е исплатена. Поратоците покажуваат дека досега се реализирани речиси 560 милиони евра за оваа делница.
Официјално започнат со градба во 2014 или неколку месеци откако во ноември 2013 беше потпишан договор, автопатот и по 12 години не е готов.
„До овој момент реализирано е 557.985.782.11 евра или 93,3% од предвидената сума за изградба на автопатот Кичево-Охрид“, говорат последните податоци од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Ако досега исплатената сума е 93,3% од предвидената, тогаш финалната, ако се биде според досегашните проекции ќе изнесува 598.055.500 евра. Тоа е над 200 милиони повеќе од првично проектираните 374 милиони евра кои беа соопштени пред повеќе од една деценија.
Делницата е долга речиси 57 километри, што значи дека еден километар од оваа значајна сообраќајна артилерија за Северна Македонија ќе изнесува околу 9,7 милиони евра.
Што се работи на терен?
Од ЈПДП посочуваат дека во моментов „изградбата е во напредна фаза“.
„Се работи на санација на новопојавените свлечишта како и на подготовка на заштитни мерки на косините и тоа со пошумување, поставување на геокомпозитна мрежа, прскање со бетон. Потоа, на одредени косини се изведува решение со таканаречени галерии“, велат од Јавното претпријатие.
Целта е што поголем дел од делницата да се направи функционална за да може да го олесни „патувањето до туристичкиот центар во Охрид“.
Градот Охрид, кој се наоѓа на крајбрежјето на Охридското Езеро, во југозападниот дел на земјата, е дом на повеќе од 50 илјади жители. Тој е и најпозната туристичка дестинација во земјава, која според извештаите на Општината, во 2023 и 2024 година имало по над 1,1 милион ноќевања од туристи.
Од проблеми со проектот и немање работници до политички пресметки
Според последните достапни информации за автопатот, што треба да го олесни патувањето во овој регион, досега се завршени околу 40-тина километри од вкупно 57.
Автопатот го гради кинеската фирма „Синохидро“, а Државниот завод за ревизија во еден од своите извештаи за Јавното претпријатие за државни патишта го нарече „најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба“.
Уште во 2022 од ДЗР констатираа оти вредноста се зголемила за најмалку 45%, како и дека овој автопат има најголемо продолжување на рокот на изградба. Требаше да биде готов за четири години.
Тоа што надлежните го даваа како објаснување за пролонгирањето, го нотираа и ревизорите забележувајќи дека меѓу основните причини за забавената динамика се наведуваат: недостатоци на проектот, задоцнета експропријација, нерешени имотно-правни односи, дислокација на објекти, недоволен број на технички кадар, механизација и опрема.
Покрај ваквите проблеми, политичките актери меѓусебно со години се обвинуваа за застојот. Кога беа пуштени првите 20 километри во јуни 2025, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека делницата целосно треба да биде завршена до крајот на 2026 обвинувајќи дека проектот претходно станал „симбол на застој“ и „срамна слика за држава што тапка во место“.
Опозицискиот СДСМ, на чие владеење алудираше вицепремиерот, пак, тврдат дека кога во 2017 ја презеле власта, на терен затекнале само 30% прогрес на работите, без експропријација, без изработени клучни и куп проблеми, но успеале да завршат 83% од проектот.
Проектот го следеа и контроверзии кои завршија и со обвинение од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) во предметот „Траекторија“ поради сомнение за штета на државниот буџет од над 150 милиони евра. Обвинети беа експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексдиректорот на ЈПДП Љупчо Георгиевски. Судење имаше, но до правосилна пресуда не дојде бидејќи предметот застаре.
Дел од ова обвинение беше и договорот за автопатот Миладиновци – Штип, кој беше постигнат во ист период со оној за Кичево-Охрид. Меѓутоа, овој автопат од 47 километри беше завршен и пуштен во употреба во јуни 2019 година. Во него, велат од ЈПДП, беа вложени 177 милиони евра или во просек 3,8 милиони по километри.