Народна банка нема да ја промени поставеноста на монетарната политика и следната година. Таа ќе остане внимателна, но ја менува оперативна монетарна рамка, со којашто се обезбедува висока усогласеност со практиките на развиените централни банки и зајакнување на сигналниот ефект на монетарната политика, соопшти денеска гувернерот на Народна банка Трајко Славески на прес -конференција на која ги соопшти последните одлуки на советот на централната банка.
Славески рече дека модернизацијата на оперативната рамка е внимателно обмислена и има за цел да овозможи натамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика.
‒ Новата оперативна поставеност предвидува основен инструмент да бидат благајничките записи со рочност од 7 дена, со каматна стапка од 4%, а се зголемува и понудениот износ на основниот инструмент кој досега изнесуваше 10 милијарди денари. Со тоа на денешната аукција на благајнички записи понудата ќе изнесува 43 милијарди денари, а наредните аукции ќе се одредуваат согласно проектираната промена на банкарскиот систем на неделна основа – рече Славески.
Тој информира и дека износот на благајнички записи ќе се зголемува согласно проектираните промени во ликвидноста на банкарскиот систем.
‒ Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така, што ќе обезбеди повлекување на вишокот ликвидност и оптимизација на ликвидноста во банкарскиот систем. Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите преку ноќ, заради управување со краткорочните ликвидносни промени. Сите овие промени го зајакнуваат сигналниот ефект на монетарната политика и трансмисискиот механизам – рече Славески.
Тој појасни дека оваа активност на Народна банка за поефикасна трансмисија на утврдувањето на референтната каматна стапка врз каматните стапки во финансискиот сектор е почнат одамна, но поради шоковите е одложено.
‒ Но, сега ние проценивме дека е дојдено време за промени. Затоа што 5,35% на благајничките записи која ја сметавме за основна каматна стапка со ограничен износ на 10 милијарди денари веќе ја изгуби својата сигнална функција затоа што динамиката кај седумдневните депозити и депозитите преку ноќ преку која ја апсорбираме структурната ликвидност на банкарскиот сектор посебно седумдневниот депозит стана централен, односно основен инструмент. Токму затоа ја менуваме стапката бидејќи ќе биде поефикасна во иднина – појасни Славески.
Тој рече дека модернизацијата на оперативната монетарна рамка и нејзиното усогласување со најдобрите стандарди на модерните централни банки е процес којшто траеше подолго време и е внимателно обмислен и има за цел да овозможи понатамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика.
– Скусувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, врз коишто централната банка има подиректно влијание – рече Славески.
Славески оцени дека се намалува притисокот врз монетарната политика, дека инфлацијата се стабилизира, девизните резерви се на соодветно ниво, а економијата забрза.
Според него, доколку нема административни интервенции кај платите во тој случај се олеснува работата на Народната банка и таа ќе биде подготвена за натамошно релаксирање на монетарната политика.
Славески рече и дека Народната банка и натаму го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, односно нејзината поставеност е непроменета.
‒ Утврдените нивоа на каматните стапки и понудениот износ за вложување во благајнички записи овозможуваат примена на новата оперативна монетарна рамка, со истовремено непроменета монетарна поставеност – рече тој.