Економскиот раст на земјава годинава ќе изнесува 3,9 отсто, проценува Народната банка во своите најнови Макроекономски прогнози кои ги презентираше денеска гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Овој раст на БДП е идентичен на априлските прогнози, рече Ангеловска Бежоска на прес конференција при што додаде дека на среден рок растот ќе биде умерен што ќе услови нивото на БДП пред корона кризата да се достигне во 2022 година, а не годинава како што претходно се очекуваше.

Во однос на инфлацијата направена е нагорна корекција – па така за годинава се очекуваа таа да изнесува 3,1 отсто, наспроти претходните прогнози за раст на цените од 2,2 отсто.

Ангеловска Бежоска рече дека по падот на БДП од 4,5 отсто минатата година, економскиот раст во првото полугодие годинава изнесувал 3,2 отсто, наспроти претходните очекувања дека тој ќе изнесува 5,4 отсто.

Во однос на структурата на растот, позитивно влијание ќе имаат сите компоненти, како личната побарувачка, која се очекува годинава да биде поголема за 7 отсто, а во наредните години да има поумерено темпо од околу 3,5 отсто, потоа раст на извозот и тн.

Ризиците за растот генерално се поврзани  со текот на пандемијата, нарушувањата на синџирите на снабдување, како и енергетската криза.

Од НБ очекуваат во текот на наредната година да дојде до стабилизирање на состојбите во енергетскиот сектор.

Надворешните фактори имаат најголемо влијание врз растот на цените годинава и за зголемувањето на прогнозата за инфлацијата на 3,1 отсто, наспроти првичните 2,2 отсто. Сепак, како што рече Ангеловска Бежоска, не се очекуваат поголеми притисоци врз цените. За наредната година се очекува инфлацијата да изнесува 2,4 отсто, а потоа да се движи во рамки на повеќегодишниот просек од околу 2 отсто

Споредувајќи ги проекциите кои ги презентираа неодамна ММФ и Светска банка, Народната банка е поголем песимист во однос на растот на БДП. Така, ММФ прогнозира раст на БДП од 4 отсто оваа година, и 4,2 отсто наредната, додека Светска банка 4,6 отсто годинава и 3,7 отсто во 2022 година. Проекциите на НБ се 3,9 отсто оваа година и исто толку наредната годиона.

Слично е и кај инфлацијата – ММФ проценува дека таа годинава ќе биде 3,1 и 2,2 отсто наредната, а Светска банка 2,4 оваа и 2 отсто наредната година, додека НБ 3,1 отсто оваа година и 2,4 отсто наредната година.

Народната банка има и алтернативно попесимистичко сценарио според кое растот би бил помал за 1,2 проценти, под претпоставка доколку се намали странската побарувачка. Постојат и позитивни  ризици – како што се ефектите на Планот за забрзан економски раст кои што не се вградени во најновите макроекономски проекции.