Народната банка ги намали надоместоците за банките, на потег се банките да ги намалат провизиите за граѓаните и бизнисот. Гувернерот Трајко Славески, очекува брза реакција од банките, но иако одлуката на централната банка стапува на сила од август – рок до кога банките треба да ги намалат провизиите нема. Не се знае ниту за колку, затоа што, според Славески тоа е одлука на секоја банка поединечно.
-Одлуката стапува на сила на 1 август оваа година, по што очекуваме дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за придобивките на економијата во целина од едноставните, лесно достапни и евтини платежни услуги во државата, изјави Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Иако дел од банките веќе испратија нови ценовници со повисоки провизии за клиентите, но Славески очекува за брзо надолни корекции на банкарските провизии.
-Мислам дека, сега да не шпекулирам дека е заради потребата од известување два месеци однапред, банките го направиле пред овие консултации што ние сме ги имале и мислам дека работите ќе одат во насока која што сите ја посакуваме и работевме за неа, изјави Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Одлуката на Народната банка доаѓа после состанокот со Македонската банкарска асоцијација на која Гувернерот побара од банките да ги намалат провизиите за платежни услуги кои им ги наплаќаат на граѓаните и компаниите. Вети дека првиот чекор ќе го направи централната банка, но и се закани со донесување закон со кој Народната банка ќе ги регулира провизиите.
Инаку податоците на Народната банка покажуваат дека за само три месеци од годинава, банките остварија профит од речиси 73 милиони евра. Само од провизии наплатија 44 милиони евра од граѓаните и стопанството, од кои како нето-приход им останале 27 милиони евра. 2024-та ја завршија со профит од 283 милиони евра и наплата од провизии од 192 милиони евра, од кои нето-приход им се 115 милиони евра.