Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредена размена на податоците и информации од заемен интерес, во функција на подобрување на аналитичките и институционалните активности на двете институции.
Меморандумот, кој го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, претставува основа за систематска и безбедна размена на информации, пред сѐ од Регистарот на цени и закупнини што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Преку оваа соработка, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Овој документ е одраз на заемната определба на Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, во насока на унапредување на квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес.