Етнизацијата на демографските податоци го претставува намалувањето на наталитетот како „раст“ и „пад“ меѓу различни етнички заедници, иако подолгорочните трендови јасно покажуваат дека станува збор за заеднички и долгогодишен процес кој ги засега сите заедници не само во Македонија туку и во целиот регион на Западен Балкан.
Дел од македонските медиуми кон крајот на минатата година пренесоа напис од Еуроњуз Албанија во кој се тврди дека во последната деценија расте бројот на Албанци, додека бројот на Македонци се намалува. Текстот брзо се претвори во наратив кој предизвика говор на омраза во коментарите на социјалните мрежи и сензационализам.
Според написот на Еуроњуз Албанија и пренсените написи во македонските медиуми, без да се наведе извор на податоците, кај македонската заедница е забележан негативен природен прираст од 7.919 лица, а кај албанската има позитивен природен прираст од 2.164 лица.
Меѓутоа, податоците од Државниот завод за статистика, кои ги анализираше Мета.мк покажуваат поинаков тренд. Имено, земајќи ги предвид податоците во последните 15 години од 2010 до 2024 година, бројот на живородени деца опаѓа и кај македонското и кај албанското население, додека бројот на починати е релативно ист освен во периодот на ковид пандемијата кога и кај Македонците и кај Албанците се забалежани повеќе смртни случаи.
Падот на бројот на живородени кај македонското население во овие 15 години изнесува приближно 45 отсто додека кај албанското население намалувањето е околу 30 отсто. Овој тренд особено се забележува во периодот од 2019 до 2024 година, кога бројот на родени кај двете етнички групи се приближува до најниските вредности од последните 15 години. Всушност, како поминуваат годините така двете заедници бележат константен пад во бројот на родени.
Податоците ја потврдуваат реалноста дека намалувањето на наталитетот е заеднички долгогодишен тренд и ги засега и двете етнички заедници. Бројките кои написот на Еуроњуз Албанија и пренсените написи на македонски јазик воопшто не го наведуваат изворот, и иако се вели дека се однесуваат на последната деценија, тие всушност се бројки кои што се забележани само во 2024 година. Користењето само на таа година создава впечаток дека поради тоа што бројот на живородени деца кај едната заедница расте, кај другата опаѓа, што не ја одразува реалната долгорочна тенденција и може да поттикне сензационализам или меѓуетничка нетрпеливост.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на починати лица според пол и етничка припадност од 2010 до 2024 година е релативно ист на годишно ниво, со исклучок на 2020 и 2021 година, кога поради пандемијата е забележан раст на бројот на починати.
За волја на вистината, податоците покажуваат дека во последните 15 години македонското население континуирано бележи негативен природен прираст, додека кај албанското население тој и понатаму е позитивен, но во јасна и забрзана опаѓачка линија. Иако кај Македонците во одредени години се регистрираат мали осцилации, општата тенденција останува негативна, што укажува на долгорочен демографски пад. Во исто време, природниот прираст кај Албанците во последните години е речиси преполовен во споредба со претходниот период, што укажува дека и кај оваа заедница се забележува постепено слабеење на демографската динамика.
Етнизацијата на демографските податоци го претставува намалувањето на наталитетот како „раст“ и „пад“ меѓу различни етнички заедници, иако подолгорочните трендови јасно покажуваат дека станува збор за заеднички и долгогодишен процес кој ги засега сите заедници не само во Македонија туку и во целиот регион на Западен Балкан. Клучната методолошка слабост на ваквите тврдења е фактот дека позитивниот природен прираст во една година не значи долгорочен раст на населението, а селективното издвојување на таква година претставува класичен пример на манипулативно користење на статистика.
Овој случај илустрира сензационалистичка употреба на точни податоци за извртено заклучување, при што се игнорира пошироката демографска слика и заедничките структурни предизвици. Дополнително, иако во податоците може да се забележи корелација меѓу трендовите кај различните заедници, не постои каузалитет , намалувањето на бројот на Македонци не е последица на зголемување на бројот на Албанци, туку резултат на пошироки фактори како намален наталитет, иселување, стареење на населението и социо-економски услови.